Новости
Во недела ни доаѓа големиот христијански празник Прочка- проштевајте и ќе ви биде простено, ОВА СЕ ОБИЧАИТЕ
Прочка се празнува пред почетокот на велигденскиот пост...
Во недела, 26 февруари е големиот христијански празник, Прочка или Велики поклади — ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на велигденскиот пост.
Датумот на овој голем празник се менува секоја година во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.
Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Според обичаите, на овој ден прочка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.
Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни производи или пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца.
Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее да го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.
Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.
На овој ден во нашата земја се организира и Струмичкиот карневал или Тримери кој е влезен и во Светскиот календар на карневалите и во последните години стана голема туристичка атракција.
Струмичкиот карневал се одржува традиционално секоја година во рамките на тримерските денови, односно на почетокот на големиот Велигденски пост, а и самото име „карневал“, (лат.c a r n e – месо и v a l i – збогум, односно „збогум месо“), асоцира на почеток на пост, а во овој случај тоа е Велигденскиот пост.
Почетокот на постот, односно првите три дена се наречени тримерски денови и тие секогаш започнуваат од недела вечерта на Прочка и траат до среда, а во нивни рамки односно во вторник вечерта е традиционалната карневалска вечер, кога маскирани групи шетаат низ градот и одат по куќите каде што има верени, армасани девојки и каде што остануваат до раните утрински часови, стои наведено на Википедија.
Извор Википедија