Школо

Кopoната ги блокираше училишта – преку 13.000 вработени во школските установи заразени со oпаcниот виpyс

Со ваков пpoблем би можеле да се соочиме и ние како држава

Како што пренесуваат италијанските медиуми досега за „Ковид-19“ се тестирани скоро 50 проценти од вработените во училиштата, што е околу 500.000 наставници и ненаставен училишен персонал.

Во Италија, досега скоро 50 проценти од вработените во училиштата биле тестирани за вирусот „ковид-19“, пренесуваат медиумите, што е околу 500.000 наставници и ненаставен училишен персонал, а 2,6 проценти од испитаните, или околу 13.000 лица, се позитивни.

Ова се податоците објавени од канцеларијата на италијанскиот специјален комесар за вонредни ситуации, Доменико Аркури.

Повеќето тестови беа спроведени во Ломбардија, каде беа тестирани 70 проценти, додека Сардинија беше на последното место со пет проценти, а извештајот не го опфаќа регионот на Лацио, кој го спроведе тестирањето независно.

Се очекува на 24 септември процентот на тестирани работници во училиштата на територијата на Италија да се зголеми на 60 до 70 проценти.

Како што беше најавено, од 14 септември, кога ќе започне училишната настава во поголемиот дел од Италија, ќе се доставуваат околу 11 милиони заштитни маски дневно, што ќе биде потребно за учениците да влезат во училиште.

Бројот на нови случаи на дневна основа во Италија продолжува да расте, а според последните податоци, регистрирани се 1.597 нови случаи на ковид-19.

Во исто време, се разгледува можноста за скратување на траењето на карантинот во Италија од 14 на десет дена, што ќе го процени Научниот и техничкиот комитет на неговиот состанок во вторник.

Препораката на Светската здравствена организација (СЗО) е 14-дневен карантин, заснован на достапни податоци за период на инкубација во просек од четири до пет дена, со горна граница од две недели.

Школската година во Македонија

Што се однесува до состојбата во нашата земја, според досега направените анкети, родителите на средношколците, а и самите ученици се изјасниле дека сакаат новата учебна одложена година да ја започнат со физичко присуство. Незадоволни од начинот на кој заврши второто полугодие од претходната 209/20 година, но и предолгото седење дома, сметаат дека само ќе направи уште поголеми проблеми во образовниот процес.

Анкетирањето заврши бидејќи сите податоци со број на ученици по паралелки и во основните и во средните училишта требаше да бидат предадени во Министерството за образование најдоцна до 10.септември. Инаку, министерот за здравство, Венко Филипче неодамна на прес конференција истакна дека само околу 300 училишта ги исполнуваат условите за настава со физичко присуство и тие може да побараат дозвола за одржување класична настава, која ја издава посебна Комисија составена од членови на МОН, од Министерство за здравство и од кабинетот на Претседателот.

Инаку, новата учебна 2020/2021 година, согласно одлуката на Владата треба да започне на 1 октомври. Во таа насока на 4 септември беше организирана и средба на министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалникот на Скопје, а воедно и претседател на ЗЕЛС, Петре Шилегов со градоначалниците на сите останати општини. Институциите на системот предводени од Владата и Министерството за образование и наука веќе го усвоија Планот и протоколите за започнување на учебната година која ќе се реализира преку комбиниран модел, односно со организирање на учење од далечина со два исклучоци.

Настава со физичко присуство ќе можат да следат учениците од прво до трето одделение во сите општини, како и учениците од оние основни и средни училишта кои ги исполнуваат условите наведени во протоколите и се лоцирани во општини каде епидемиолошката состојба го дозволува тоа. Но, крајната одлука ќе зависи од родителите/старателите на самите ученици кои треба да се изјаснат како нивното дете ќе ја следи наставата.

„Планот за започнување на училишната година кој го усвои Владата пред неколку дена има исклучоци и можности за флексибилност и комбинираност на наставата, затоа што во некои моменти условите го наложуваат тоа, а ќе зависи и од здравствената состојба, или на наставниците, или на учениците. Со градоначалниците разговараме за нивната подготвеност сите заеднички и наставниците и стручните служби во училиштата, директорите, родителите и учениците заеднички да организираме квалитетна наставата и во услови на пандемија. Ова е динамичен процес кој не нужно на истиот начин ќе се спроведува од почетокот до крајот на училишната година, поради тоа што во дадени моменти епидемиолошката слика ќе се менува и одлуките ќе се менуваат, согласно укажувањата на Министерството за здравство. Сметам дека не треба да бидеме исклучиви во позициите, или здравје, или образование, туку треба да постигнеме однос меѓу овие две права коишто ги имаат децата, за истовремено и да го заштитиме нивното здравје и воопшто здравјето на населението од друга страна да понудиме настава којашто ќе се одвива оваа година а ќе понуди квалитет. Токму затоа, Бирото за образование подготвува на кој начин ќе се врши оценувањето, валидацијата на стекнатите знаења и со онлајн и со настава со физичко присуство“, рече министерката Царовска на средбата со градоначалниците.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Петре Шилегов, рече дека општините, во рамките на материјалните и техничките можности со кои располагаат, треба да обезбедат оптимален старт на учебната година, почитувајќи ги Планот и протоколите донесени од Владата на Македонија.

„Денеска разговараме за сериозно и комплексно прашање, тоа е успешен старт на учебната година во услови на пандемија. Велам комплексно, затоа што не сите општини имаат еднакви технички и епидемиолошки услови за отпочнување на учебната година. Од друга страна, во самите општини не секаде се изедначени условите во училиштата, со цел отпочнување на училишната година на први октомври со целосно исполнување на Планот и протоколите. Затоа што е вака комплексно прашање, мораме да ги разјасниме сите нејаснотии што ги имаме ние како општини и основачи на училиштата од една страна и МОН, како организатор на образовниот процес, од друга страна, сé со цел да во вонредни услови најдеме доволно добро, не можам да кажам совршено решение, за отпочнување на училишната година и исполнување на обврските од страна на општините кои ги имаат, а пред сé се однесуваат на овозможување на почитување на протоколите како би го гарантирале здравјето на децата“, изјави Шилегов.

Дигитална платформа за онлајн настава

Министерката за образование и наука Мила Царовска, деновиве оствари средба и со директорите на основните и средните училишта во државата со кои разговараше за примената на Протоколите и Планот за започнување на учебната 2020/2021 година кои Владата ги усвои вчера.

Таа истакна дека моделот ќе биде комбиниран, согласно условите во училиштата. „Сепак, ова е динамички процес, дали ќе продолжиме на истиот начин или ќе треба некои работи да се менуваат ќе се оценува во текот на годината, согласно епидемиолошката состојба и насоките на Комисијата за заразни болести“, изјави Царовска.

Министерката побара сите да се заложат за успешно спроведување на наставата во услови на пандемија.

„На овие средби разговаравме на кој начин натаму ќе се спроведуваат насоките што МОН ги донесува како политики, затоа што директорите и градоначалниците се главната алка којашто треба да обезбеди спроведување на она што ние како Влада и Министерство го носиме. Затоа денеска ги повикав да бидат на висина на задачата, овој процес на подготовка сериозно да го сфатат и натаму да ги спроведуваат насоките кои што ги даваме“, изјави Царовска.

Царовска истакна дека дел од директорите се изјаснија дека се подготвени за физичко присуство, помали училишта коишто ќе побараат дозвола од Комисијата на Владата за да ги опфатат сите одделенија, а дел од поголеми училишта се подготвуваат за онлајн настава.

„Дигиталната платформа за онлајн настава е во подготовка и скоро ќе биде презентирана пред наставниците, кои ќе треба понатаму да ги вклучат и учениците во процесот на тестирање и вклучување во овој тип на настава. Сигурна сум дека со заеднички капацитети, ако сите зеднички вложиме максимални напори: децата, родителите, наставниците, директорите и градоначалниците, ќе имаме успешна учебна година, иако сме во период на пандемија што ни го менува начинот и на учење и на живеење“, рече Царовска.

Директорите на училиштата на средбата кажаа дека подготовките за старт на учебната година ги почнале уште во текот на летото, а сега ги продолжуваат согласно Протоколите и Планот за започнување на учебната година.

ОУ „Лазо Ангеловски“ од Општина Аеродром е подготвено за настава со физичко присуство за децата од 1-3 одделение, а паралелките ќе бидат поделени во две групи согласно протоколите. Само 15-20% од родителите се изјасниле дека нивните деца ќе следат онлајн настава.

„Школската година за сите одделенија ќе ја стартуваме со физичко присуство, бидејќи поголемиот дел од родителите се изјаснија за оваа опција, а училиштето има просторни услови. За децата чии родители побараа да следат онлајн настава имаме кадар обучен за предавања на далечина“, рече директорката Соња Јовановска од ОУ „Лазо Трпевски“, Општина Карпош.

Директорката Матилда Бајкова, од ОУ „Аврам Писевски“ од село Бардовци истакна дека организираат комбиниран модел на настава.

„Подготвени сме од хигиенски аспект да одговориме на протоколите. Првите денови од октомври ќе ги искористиме за настава на отворено во училишниот двор. Ќе се соочиме со уште еден предизвик за учениците од социјално ранливи категории и ако се одлучат за онлајн настава ќе одиме со печатени материјали кои ќе бидат доставени до родителите, за добра комуникација“, рече Бајкова.

Извор: Гламур, Мон.гов.мк

Препораки

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
Close