Градинка
Што би требало да знае да зборува детето до неговиот трети роденден?
Секое дете е различно, но во глобала, еве што би требало да совлада вашето дете до неговиот трети роденден.
Во втората година на вашето дете ќе се изненадите колку ќе напредува неговиот говор и колку ќе му се зголемува вокабуларот. Ќе почне да разбира што му се зборува, и до крајот на годината можеби ќе успеете и да разберете што ви зборува вашето малечко.
Еве неколку работи кои вашето дете можеби ќе ги совлада од навршена година до неговиот трети роденден:
- Вокабуларот ќе се зголеми од 50 зборови на 300 – во почетокот ќе разбира само именки (куче, маче, автобус), потоа ќе почне да разбира и глаголи (јаде, пие, трча) и придавки (големо, мало).
- Можеби ќе користи ист збор за повеќе различни предмети или суштества. На пример, можеби сите животни ќе ги нарекува куче.
- Ќе се зголемува бројот на зборови кои знае да ги изговори, и тоа најчесто по следниов редослед: со 12 месеци ќе кажува 1-3 збор, со 18 месеци 10-15, со 24 веќе околу 300 зборови.
- Со околу 12 месеци ќе разбира имиња на работи и предмети кои постојано им се на дофат, на пример, чести предмети (кукла, автомобил), делови од телото (прст, глава) и облека (чорапи, боди).
- Со околу 18 месеци ќе го изговара своето име, односно, барем ќе се обидува.
- Најверојатно само вие ќе успеете да го разберете говорот на вашето дете. До крајот на втората година речиси половина од она што го изговорува ќе го разбира и некој кој не е постојано со вашето дете.
- Ќе ја разликува интонацијата во вашиот говор, кога сте позитивни, а кога негативни, кога барате нешто или кога само зборувате.
- Во овој период ќе разбира едноставни фрази (бакни ја мама), едноставни упати (оди до собата) и едноставни објаснувања. Ќе може да препознае именки врзани за одредени делови на телото или пак предмети, кога ќе ги именувате.
- Од вас ќе знае да бара некоја информација, поставувајќи прашање: Што е тоа?
- Ќе одговара на прашања.
- Ќе обожава да ги имитира луѓето околу себе и ќе сфати како успева да привлече внимание од другите.
Децата растат и се развиваат сосема поинаку. Овие информации се само водич, а не нешто до што треба цврсто да се држите. Ако сепак сте загрижени за развојот на говорот кај вашето дете, прво обратете се на педијатар.