Бебе
Зошто детето постојано ги сака истите цртани филмови и истите приказни?
Повторувањето на приказните е многу важно за развојот на вашето дете
Иако имате полни полици со различни книги и секогаш сте спремни да купите нови, вашите деца ги сакаат оние старите кои сигурно ги знаат на памет… Познато ви е ова? Повторувањето на овие приказни е многу важно за развојот на вашето дете, а еве и зошто.
Околу 2-годишна возраст детето развива вештини неопходни за разбирање приказни кои ги слушаат или гледаат на телевизор. Имено, детето на оваа возраст почнува да:
- Се препознава себеси и другите членови на фамилијата на фотографии и видео снимки, а исто така може да ги следи и ликовите во приказните и да се идентификува со нив. Детето го спознава првото чувство на идентитет.
- Употребува се’ поголем број зборови, ги развива своите интелектуални (когнитивни) способности меѓу кои е и вештината за изразување за да биде разбрано од другите и самиот подобро да ги сфати работите.
- Обрнува внимание на деталите. Детето внимателно го следи секој детаљ од приказните кои сака во целост да ги разбере.
- Развива чувство на правила. Детето почнува да разликува видови на однесувања. Ова значи дека може да ги следи случувањата поврзани со повеќе ликови и да почне да ги сфаќа причините за нивните акции.
Повторувањето помага за развој на памтењето
Цртаните филмови, како и сите приказни во суштина, имаат функција да помогнат и да го подобрат развојот на меморијата. Оттука произлегува и потребата на детето за постојано повторување. Колку пати е повторена приказната, детето полесно може да ја запамети.
Идентификација со ликовите
Потребата за повторување исто така е и последица на процесот на соживување со ликовите од приказните. По пат на оваа идентификација, детето се запознава себеси затоа што почнува да се идентификува со некој омилен лик. Акциите и реакциите на ликовите го учат што се случува во животот, го водат во откривање на различни видови однесувања и му овозможуваат вистински искуства од кои, иако се измислени, сепак учи.
Потрага по сигурност
Бајките и цртаните филмови, баш како и омилените играчки, стануваат дел од животот на детето кој му ја пополнува осаменоста која секое дете ја доживува кога полека почнува да се одделува од мајката. Ова е неопходна и позитивна етапа за развој и значи дека детето само успева да изгради чувство на сигурност кое до тогаш му го пружила врската со мајката. Познатата приказна го смирува детето и му помага да пронајде топлина и доверба каква што му пружат родителите.