MAMA
Тешко, но и забавно: Мајка покажува како изгледа секојдневието со три сина
Искрени фотографии кои го покажуваат секојдневието на една мајка.
Мајките на синовите честопати истакнуваат дека посебно се чувствуваат што имаат полна куќа момчиња. Истовремено се работи и за еден огромен неред и хаос, но и забавно секојдневие кое никогаш не би го промениле.
Како изгледа тоа навистина, знае фотографот и мајка на три деца, Сара Истер. Таа сакала да го фотографира секојдневието на своето семејство, на еден целосно искрен и отворен начин.
Резултатите од нејзиниот проект покажуваат како навистина изгледа одгледувањето на три момчиња. Оваа мајка целосно отворено и без никакви наместувања го документира секојдневието на нејзините синови.
„Постојано се во некое движење, гласни се и честопати тешки, но исто така се неверојатно слатки и грижливи“, истакнува таа.
Таа ги опишува своите синови како внимателни, храбри и креативни момчиња, но секако и по малку „луди“, а веруваме дека секоја мајка која во куќата има само момчиња, може да се пронајде во нејзините фотографии.
„Сите моменти во детството се значајни, и се надевам дека овие фотографии еден ден ќе ги потсетат на сите убави, емоционални и важни спомени“, објаснува таа и додава дека сака нејзините деца еден ден да можат да ги погледнат фотографиите и да се видат себеси на начин на кој таа сега ги гледа.
„Прекрасни се, забавни, љубезни, грижливи, смешни и паметни. Се надевам дека еден ден, кога мене веќе ќе ме нема, ќе ги гледаат фотографиите и ќе биде очигледно колку сум ги сакала токму онакви какви што се“, додава таа.
А за останатите мајки на момчиња, Сара им порачува без страв да бидат дел од детството на своите синови. Да се биде мајка на момче е дефинитивно нешто за што треба да се биде горда, дури и кога твоето дете целосно те излудува!