Бебе
Освен плачот, и ова е знак дека бебето е гладно
Плачењето не е единствениот знак со кој бебето ви кажува дека е гладно.
Медицинската сестра од Мелбурн, Кејт Вејд, која работи како едукатор за бабици, открила „тајни знаци“, односно говор на телото со кое бебињата порачуваат дека се гладни, односно заситеми. Истакнувајќи дека секое бебе е различно, таа тврди дека повеќето бебиња ги користат овие знаци.
„Студиите покажале дека кога новороденчето е гладно, тоа своите дланки ќе ги стисне во тупаница. Како хранењето напредува, неговите рачиња полека ќе се опуштаат и отвораат. Тоа значи дека им е доволно храна и дека се заситени“, тврди таа.
Иако повеќето родители сметаат дека бебешкиот плач е единствениот начин на кој тие комуницираат за своите потреби, таа ги потсетува родителите дека од првиот ден треба да го следат однесувањето на своето бебе. Така некои бебиња покажуваат дека се гладни со нагли будења или така што маваат со рачињата и ножињата.
„Отворањето уста и свртувањето на главата од една на друга страна, како да бараат гради, исто така е индикатор дека бебето е гладно.“ И додека стискањето на рацете е еден од показателите дека бебето е гладно, Кејт предлага родителите да обрнат внимание и на звукот кој го произведува бебето додека „влече“ млеко – кога ќе престане, тоа значи дека е сито.
Откако ќе заврши хранењето, можеби бебето ќе биде расположено за игра, а тоа ќе го покаже на тој начин што ќе има опуштени движења и ќе ги пружи рацете кон родителите. Знак дека сака да си игра е и тоа што ќе одржува контакт со очите со родителите.