Градинка
Не правете ги овие грешки: Реченици кои им ја уништуваат самодовербата на децата
Родители, не потценувајте ја моќта на зборот!
Децата се како сунѓери, впиваат се’. Па така, ставот на родителите и односот кон детето во неговото детство, честопати има пресудно влијание на физичката и емоционалната состојба на идните возрасни личности.
Постојат некои фрази кои ги зборувале нашите родители и ние денес ги повторуваме, а кои или го рушат нашиот авторитет или ни го рушат односот со детето и неговата самодоверба. Еве некои такви реченици.
Се’ ќе му кажам на татко ти
Така, детето ќе биде уверено дека таткото ѝ верува само на мајакта и дека тој нема никаква шанса да ја објасни својата страна од приказната. Останува осамено, а од друга страна ја губи почитта кон мајка си која не е способна да воспостави комуникација и да ја реши ситуацијата. Ако е важна информацијата за да ја пренесете на таткото, прашајте го вашето дете дали е спремно да каже се’. Научете го детето да си ги признае грешките и бидете трпеливи и искрени.
Не можеш, уште си мал/а
Она што детето го слуша е: Нема цел да се обидуваш. Упорноста нема да ти се исплати. Нема да успееш. Со ваквиот однос на детето му ја одземате можноста да проба нешто ново, Дозволете му бар да се обиде да се искаче некаде, а вие бидете покрај него. Во спротивно, кога ќе порасне, ќе не може да биде толку самостојно, а единствено во што ќе биде сигурно ќе биде неуспехот.
Зошто 4+, а не 5?
Она што детето го слуша: Не ги исполнуваш моите очекувања. Да си добар и вреден, сигурно би добил 5. Возрасните брзо забораваат какво е чувството да се биде дете и искрено веруваат дека децата немаат ни проблеми ни причини за грижа. Но, децата доживуваат стрес на свој начин кој е подеднакво силен како и кај возрасните, па затоа, родителите не треба да ги влошуваат работите. Не заборавајте да го прашате детето како му поминал денот, а ако забележите какви било потешкотии, насочете го кон решение. Никогаш не споредувајте го со другите деца (другари, братучеди, браќа, сестри).
Не те прашав што ти сакаш
Најдобро е секогаш да му ја објасните вашата положба на децата и зошто сакате нешто да биде така како што сте барале. Компромисот со децата е можен, но само ако сте искрени и ако меѓусебно се сослушувате.
Не измислувај
Детето слуша: Не ме интересираат твоите проблеми. Не верувам дека ти имаш проблеми. Со ова ги негирате стравовите на децата, не го решавате проблемот. Било какви емоции (дури и ако се предизвикани од фантазирање) се реални, а со изговарањето на оваа реченица го учите детето да ги крие емоциите. Затоа, разберете го стравот од страшен сон или страшно чудовиште и дајте му до знаење на детето дека секогаш сте тука за него.