Градинка
Најмногу што можеме да им дадеме на нашите деца, е нашето време
Битно е да бидеме присутни со децата.
На интернет можеме да најдеме многу идеи за тоа како да го поминеме времето со нашите деца, а за тоа се напишани и многу книги. Совети доаѓаат од сите страни и не е проблем да се најде нешто интересно што би ни одговарало.
Но, проблемот почнува кога почнуваме да мислиме дека мораме да правиме нешто креативно со децата и да им го испланираме времето кое можеме да го искористиме заедно. Децата станаа наши проекти. Но, најважно е да бидеме присутни со децата. Најмногу што можеме да им дадеме е нашето време!
Обидете се една вечер да го изгаснете телевизорот, да го исклучите мобилниот телефон, да ги изгаснете сите ламби и едноставно да запалите свеќи. Тогаш земете го детето во прегратка и прашајте го што би сакало да прави. Не размислувајте на сите обврски кои ве чекаат, што треба да пазарувате, колку работа имате… Исклучете се од се’ и уживајте со своето дете, тоа е најмногу што можете да му дадете.
Макар и тоа да ви трае половина час, верувајте дека тоа на децата ќе им остане како најубаво поминате време и секогаш ќе сакаат да се повтори. Може да се договорите еднаш неделно заедно да правите вечера или пак да играте друштвени игри.
Исто така можете да одвоите време и да ја пуштите слободно својата фантазија. Децата по својата природа се уметници, создавачи на кои им треба време и кога нема да бидат прекинувани. Децата секогаш знаат да не’ изненадат со својата имагинација. Да им дозволиме самите да создаваат, а на нас останува да ги поддржуваме и смирено да бидеме присутни со нив!