Градинка

Едноставни активности за кои не сте знаеле колку се корисни за вашите деца

Постојат активности на кои понекогаш забораваме...

Како родители, секогаш сакаме да израстеме среќно, мотивирано и самостојно дете. Токму поради тој притисок, постојано имаме чувство дека треба да направиме нешто повеќе – купуваме едукативни играчки, ги запишуваме на дополнителни активности, ги учиме на многу работи, се’ со цел да бидат понапредни.

Но, постојат некои активности на кои понекогаш забораваме, а кои помагаат во развивањето на когнитивните и емоционалните вештини.

Охрабрете го детето самостојно да си игра со некои играчки

Една од најдобрите активности е играта каде што ја води детето. Преку ова детето учи некои вештини кои понатаму ќе бидат корисни за постигнување одреден успех. Пуштете го детето да си игра само или со другарчињата, без ваше водство.

Сите понекогаш имаме чувство дека потребно е постојано да сме присутни и редовно да ги забавуваме децата. Но, потребно е да се оддалечете барем на кратко и да им дозволите на децата да си играат сами.

Играта надвор е од голема важност

Излегувањето надвор е многу важно за физичкиот и менталниот развој на детето. Времето поминато во природа развива вештини како слушање, внимание, регулирање на емоциите, способност за соработка. Играта во трева, на ветер, дожд, снег, дава прекрасно чувство кое во денешно време многу им фали на децата.

Одете на прошетка, пуштете го детето да оди со боси нозе, нека собира цвеќе и нека ја набљудува природата околу себе.

Дозволете здраво преземање ризик

Здравото ниво на ризикување му помага на детето да се снаоѓа во таквите ситуации кога ќе порасне. Недостатокот на прилики да ризикуваат доведува до страв и агресија. Тоа секако не значи дека треба да му дозволите на детето да влезе во ситуации опасни по живот.

Здравото ризикување може да биде брзо трчање, скокање повисоко отколку што тоа го прави вообичаено, било каква игра која ќе предизвика малку страв со кој детето ќе треба да се избори. Затоа, кога ќе почнете на детето да му викате „застани“, „внимавај“ и слично, застанете и размислете дали во тој момент вреди да му дозволите да ризикува.

Дајте му на детето време и простор без возрасните

Додека на постарите деца им треба време за независна игра, важно е да им најдете и одвоен простор. Исто така важно е да не ги прекинувате и да не ги надгледувате во играта. Нека се одвоајт во друга соба или друг дел од просторијата, со цел самите да се фокусираат на својата игра.

Дозволете му да учествува во домашните задачи

Практичните животни вештини, познати како обврски, за децата се се’ само не тоа. Тие се родени да помагаат. Обожаваат да бидат вклучени во секојдневните работни задачи и важно е да им го дозволите тоа. На тој начин кај нив ќе создадете чувство на одговорност и прилика да се чувствуваат како да направиле нешто убаво за домот и семејството.

Може да почнете многу рано. Дајте му на детето крпа да ја избрише масата, дозволете му самото дете да ги стави валканите алишта во машината за перење, да го штракне копчето или да биде покрај вас додека ја раскревате масата. Практичните животни вештини го развиваат детето и физички. Собирањето листови од дворот, чистење снег или носењето на алиштата бара сила и активирање на повеќе мускули истовремено.

Не плашете се од досадата

Кога ќе му дозволите на детето даму биде досадно, тогаш кај него создавате способност да креира свој начин на забава, без ничија помош. Досадата е начин детето да научи да се избори со непријатностите и да се доживее себеси. Вака на детето му давате шанса самото да сфати некои работи, да научи што го радува, да биде креативно, самостојно и да ја гради својата самодоверба.

Обидете се во својот ден да оставите време кога ништо нема да ви биде панирано. Намерно не земајте играчки додекап атувате или сте во ресторан. Почнете со мали работи и ќе бидете воодушевени колку тоа мало суштество има креативност во моментите кога му е досадно.

Tags

Препораки

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
Close