Дом и семејство
Драги деца, и треба да ви биде досадно!
„Досада“ значи дека никој, и што е поважно, никакви направи не го стимулираат вашиот ум, и дека слободно можете сами да си осмислите некаква забава или пак да седите замислено во тишина.
Драги деца,
Нешто ми стои на срцето веќе подолго време, и сакам да го споделам со вас. Летото е на прагот и нема да мине долго време пред некое од вас да ги изговори трите познати зборови: „Досадно ми е.”
Душички мои мили, плодови на утробата моја, морам нешто да ви објаснам.
Досадно ви е. Не сте болни. Не сте жртви на страшна судбина. Не доживувате никаква голема трагедија ниту пак лична криза. Непријатноста која ја доживувате претходните генерации ја нарекуваа едноставно „состоба на мирување“. Досадата всушност создава можност за нешто што се нарекува „слободна игра“. Ме следите ли драги мои?
Бебиња мои мили кои ги сакам со целото срце, вие сте човечко потомство со потполно функционална фантазија, и барам од вас да ја искористите.
Можеби ова ќе ве изненади, но кога мама беше мало девојче, не се симнуваше музика од интернет, ниту пак имав Ајпад. Да, имав телевизор, но поради, како да кажам, повеќе од оскудните семејни финансии, имавме само околу 10 канали. Додека некои мои другари уживаа гледајќи Никелодеон, јас гледав државна телевизија и поминав многу попладниња гледајќи многу сега познати серии во црно-бела варијанта. Нашиот мал телевизор примаше сигнал благодарение на жичана закачалка замотана околу штраф. Така што, кога ќе ми кажете дека ви е досадно, и дека на телевизорот со 200 канала не можете да најдете ништо за гледање, ми доаѓа да врескам …
„Досада“значи дека никој, и што е поважно, никакви направи не го стимулираат вашиот ум, и дека можете слободно сами да си осмислите некаква забава или да седите замислено во тишина.
Досадата не е проблем кој треба да се решава. Тоа е нешто што ве чеша па треба да се почешате. Досадата е извор на идеи. Радозналост која нежно тропа на вратата на вашиот ум, сакајќи да си игра.
Досадувањето е седење пред црно платно. Бескрајни можности. Вие сте капетани на вашиот брод, а пред вас се простираат темно синиот океан и јасното небо.
Кога ќе дојдете да ми се жалите дека ви е досадно, треба да знаете дека нема да ви се лутам. Се уште сте млади морнари кои не ги совладале вештините на пловењето. Како ваш родител ќе ве упатам, но нема да го раководам вашиот брод. Ме слушнавте?
Нема да го раководам вашиот брод. Нема да го раководам вашиот брод. Нема да го раководам вашиот брод. Ќе ви бидам само привремен компас.
Подготвени? Посада, сите на палубата!
Усмерете го својот поглед кон Островот на шкафчето за училишниот прибор. Легендата вели дека е преполно со фломастери со бои на дијаманти и ножици толку остри, што можат да ја пресечат и најцврстата самолеплива хартија што некогаш човечкиот род ја направил.
Или можеби треба да ве упатам кон Џунглата на судниот ден, попозната како нашиот двор. Се вели дека таму тревата е зелена како смарагд, а базенот со песок е преполн со пластични лопатки и гребла.
Ако ниту едно од овие две места не ја поттикне вашата фантазија, влезете, ако се осмелувате, во Пештерата на скршените играчки. Вашата соба е на катот.
Се уште ви е досадно? Придружете ми се, немилосрдни гусари, во рибањето на палубата.
Не ни мислев дека ќе сакате. Според тоа: тргнувајте! Пловете!