Бременост
Не било судено, не тагувај по загубата- Реченици кои не смеете да ги кажете на жена која се соочила со спонтан абортус
Некои реченици едноставно не смеете да ги кажете на жена која се соочила со спонтан абортус
Оние жени кои се соочиле со спонтан абортус знаат колку таа тема е болна за разговор.
Оние кои ја искусиле оваа болка, знаат дека е подобро да се прифати оваа загуба отколку да се игнорира, но мора да се внимава. Кога разговараме со личност која има вакво искуство мора да внимаваме како разговараме и кои фрази ги користиме.
Бидејќи спонтаниот абортус е многу почест отколку што мислиме, многумина би помислиле дека би можеле да дадат корисен совет и утеха на оние кои поминуваат низ таква чувствителна ситуација.
Ова е се уште табу тема на Балканот, и повеќето мислат дека тоа е нешто за што не треба да зборуваме или да се преправаме дека не е „голема работа“, но во реалноста, поддршката во овие тешки моменти е исклучително важна.
Постојат неколку фрази кои не би требало да и ги кажете на личност која се соочила со спонтан абортус, за болката да не стане поголема.
Никогаш немојте да велите: Бебето и онака не беше вистинско
Врската меѓу мајката и бебето започнува уште во моментот кога жената ќе дознае дека е бремена. Уште од самиот почеток на бременоста се менува животот на тоа семејство кое се подготвува за своето се уште неродено бебе. Затоа треба да имате на ум дека бебето навистина постоеше во стомакот на мајката и за неа, бебето беше многу повеќе од самата фаза на гестација.
Не беше бремена подолго време
Да можеби е вистина дека колку подолго сте бремени, толку поболна може да биде загубата, но не се залажувајте, оваа фраза не може да ја ублажи нанесената болка. Мајката можеби никогаш нема да заборави на оваа тешка ситуација.
Тоа е, не било судено
Ова е можеби е една од најлошите фрази кои може да му ја кажете на едно лице кое се соочило со спонтан абортус.
Гледај на светлата страна, барем знаеш дека можеш да забремениш
Многу жени ширум светот секојдневно се борат да забременат, а таа борба предизвикува болка и тага. Сепак, нема причина да се споредува еден проблем со друг.
Не си единствена, многу жени секојдневно се соочуваат со спонтан абортус
Можеби ова е вистина, но за жената која бара утеха, оваа реченица е срцепарателна. Спонтаниот абортус е чест случај, но тоа не значи дека на никој не треба да му се дава утеха и поддршка за тагата што доаѓа со загубата.
Не користете реченици од типот Можеби требаше / не требаше да имаш …
Спонтаниот абортус може да биде голем удар за мајката која дознава дека нејзиното бебе повеќе го нема. Таа може инстинктивно да започне да се обвинува себеси и да се прашува што погрешила, каде погрешила и зошто нејзиното тело „ја изневерило“. Слушање на реченици од типот можеби требаше ова или можеби не ви требаше, од некој што таа очекува да ја поддржи, секако е последното нешто што сака да го чуе во тој момент.
Ќе помине за брзо
За некои жени, периодот на тагата по загубеното бебе трае многу кратко и тоа е сосема во ред. Сепак, за некои други тагата може да потрае и може да биде комплицирана од неколку причини. Затоа немојте да велите дека ќе помине за неколку дена, бидејќи не знаете како таа личност се соочува со болките.
Биди благодарна за тоа што го имаш
Кога некој чувствува голема болка и тага, многумина од нас знаат дека зборот „издржи“ навистина не помага. Оваа фраза често им се кажува на жени кои веќе имаат едно постаро дете и во моментот жалат за спонтан абортус. Без оглед на тоа колку деца родила една жена, сосема е нормално да тагува по прекинатата бременост.