MAMA
Младите во Македонија со месеци ги немаат посетено родителите: „Што ако ги заразам? Тоа никогаш не би можел да си го простам“
Стравот и чувството на вина може да предизвика и други последици
Експертите предупредуваат дека епидемијата што трае веќе со месеци и стресот кој што го предизвикува кај граѓаните е причина за сé почеста појава и на пациенти кои чувствуваат фобија, панични напади и анксиозност.
Психијатрите потврдуваат дека паралелно со пандемијата со ковид во целиот свет се зголемува и бројот на пациентите кои имаат фобија, анксиозни напади и депресија. Впрочем тоа неодамна го потврди и нашата докторка Елена Карева Пиловска, специјалист психијатар од Скопје, која во интервју за телевизија Сител изјави дека е се поголем бројот на пациенти кои имаат потреба од психолошко советување. Таа во интервјуто зборуваше дека е зголемен бројот на интервенциите на екипите на Службата 194, а меѓу оние што бараат помош зголемен е бројот на пациенти кои имаат панични напади и анксиозни состојби.
Експертите исто така предупредуваат и дека во последно време е загрижувачки и тоа што се поголем број млади луѓе бараат стручна помош дека би можеле да ги заразат своите родители со новиот вирус и дека чувствуваат грижа на совеста или паника затоа што би можеле да им го одземат животот.
Големиот број информации за лесното пренесување на вирусот, можноста да сте болен, да немате симптоми што се случува кај младите, додека кај старите последиците се фатални, допринесе во последните месеци голем број луѓе потполно да ги избегнува контактите со најблиските, бидејќи не знаат дали токму во тој момент се преносители на вирусот.
Еве што вели еден загрижен граѓанин.
„Живеам во Скопје, а моите родители во Прилеп. Откако почна вирусот многу ретко ги посетувам и тоа најчесто пред зградата. Тие се стари, а еден од нив има неколку операции на срцето и неколку бајпаси на нозете. Тие се во ризичната група, а бидејќи имам мали деца, кои претходно речиси секој викенд беа кај нив и се играа по цели денови, откако почна епидемијата, дали два-три пати ги имаат видено. И тоа на пет минути, со маски, само пред влезот, никако во нивниот стан.
Едноставно, јас се движам меѓу луѓе, таква ми е работата, а и тие одат на училиште, и не сакам да ризикувам ненамерно да им го пренесам вирусот. Така барем ми налага совеста. Тука сум за сé што ќе им потреба, но што е со она најважното – љубовта и блискоста? Го нема веќе оние весели звуци и џагорот од сите нас во нивниот дом кога сите ќе се соберевме, а мислам во тие моменти моите родители беа најсреќни. Повеќе од сигурен сум дека ова им паѓа многу потешко на нив, отколку на нас помладите“, вели нашиот соговорник.
Мислам , што се однесува до мене, јас не сум премногу испаничен од вирусот, но сепак сум одговорен и ги следам советите на струката. Не сакам да ризикувам, а го почитувам и мислењето на моите родители, но од друга страна свесен сум дека ваквата ситуација им ги го крати животот. А тие се луѓе во години, прашање е како ваквата состојба ќе се одрази на нивното здравје. Верувам дека не сум единствениот што размислува вака, кој со месеци не ги видел своите родители. Од друга страна, кога ќе ги посетите, се создава чувство на вина. Сите знаеме дека нашите родители се осамени, но ете избравме да не ризикуваме, бидејќи како ќе си простиме ако случајно им го пренесеме вирусот?“
Па, што да правиме?
Од почетокот на епидемијата се знае дека постарите лица се во голем ризик да развијат потежок облик на Ковид.
Зарад тоа струката препорачува да се избегнуваат контактите со нив додека трае епидемијата и бидејќи ваквата состојба трае со месеци, тоа може причина за сериозни психички проблеми, како кај повозрасните, така и кај младите. Имено токму ваквите состојби кај луѓето можат да предизвикаат подлабоки психолошки проблеми. Многумина кога ќе ги посетат родителите, потоа со денови чувствуваат грижа на совеста и страв дека во тие моменти можеле да им го пренесат ковидот, а таквата состојба доведува до појава на фобии, панични напади и анксиозни синдроми.
Токму затоа психолозите советуваат дека во ваквите моменти најдобро е секој од нас да направи проценка на ризикот и користа. Секако дека не треба да заборавиме дека вирусот сепак е нов, дека секоја информација што ќе ја прочитаме за него во медиумите не е валидна и дека е потребно да се пронајде средина која ќе ни помогне да продолжиме со нормалниот живот. Но и да бидеме одговорни, првенствено за нас, но и кон другите.
Имено, токму заради постарите и ранливите категории секој од нас треба да ги почитува мерките, а посебно оние што живеат со нив. Треба да одржуваат дистанца, да се носат маски и често да се мијат рацете. Впрочем и во болниците некои се грижат за овие лица, но тие ги следат и почитуваат мерките.
Од друга страна паниката и стравот не се корисни и не треба да бидат причина постарите да не се посетуваат со месеци. Тие се во ризик да се разболат од други болести, може нагло да им се слоши или да добијат депресија. „И тоа е нешто за што треба подеднакво да се грижиме како и за ковидот“, вели психологот Небојша Јовановиќ во разговор на ова тема за порталот „Објектив“.
Затоа оние лица на кои им е тешко заради одвоеноста од постарите можат да размислат за решение кое почитува дистанца од три метри, носење заштитна маска, почитување на пропишаните мерки и така одвреме-навреме да си дозволат да бидат во друштво на родителите. Едноставно, тие не се единствените што го пренесуваат вирусот, па старите би можеле да се заразат и на друго место и готово не постои ништо што би можело ризикот да го сведе на нула.
Затоа треба да се размислува како за физичкото, така и за психичкото здравје, но не само за себе, туку и за целото семејство.
Ефекти на осаменоста
Постарите луѓе се повеќе подложни на сериозно заболување, а лесно можат и да го изгубат животот доколку се заразат со Ковид-19, но некои експерти велат дека не треба да заборавиме дека социјалната интеракција е клучна за нивното ментално и физичко здравје. Па така некои од нив советуваат да не ги заборавите старите лица, но треба да бидеме внимателни и свесни.
Тоа значи дека треба да бидеме сигурни дека немаме грип (ако сме тестирани на пример или ако веќе подолго време и самите сме поминале во изолација и држиме социјална дистанца). Исто така треба постојано да ги миеме раце и да избегнуваме посети кога страдаме од симптоми на болеста.
Осаменоста е опасна, посебно за старите!
Според д-р Ами Рокач, клинички психолог од Универзитетот Јорк во Канада, кој ги студира ефектите на осаменоста во последните четири децении, таа навистина може да придонесе за влошување на здравјето, па и да предизвика губење на животот. „Стресот во целина го ослабува имунолошкиот систем“, вели тој за „Сити Њуз“.
„И осаменоста предизвикува стрес, така што може да предизвика секаков вид проблеми, како висок крвен притисок, се покажа дека придонесува за дијабетес, придонесува за срцеви проблеми и ги интензивира заболувањата што веќе ги доживее човекот. Осаменоста придонесува не само за емотивните теми како депресијата и ниското самопочитување, туку и на морталитетот “.
Како да одржуваме контакт за време на карантин?
Рокач вели дека ако постар човек се најде во карантинска ситуација или во самоизолација, важно е да се одржи контактот со нив и јасно да им се објасни што се случува и зошто.
„Кога една постара личност ќе види дека никој не доаѓа (да го посети), тие велат,„ ме заборавија, а јас едноставно не постојам за нив.“ Но, ако може треба да се помогне да се види дека тоа е привремена состојба и дека тоа се прави затоа што тие се згрижени, затоа што тие се важни и треба да ги заштитиме.
Тие можат да се поврзат со семејството и пријателите преку Интернет, преку Скајп, преку телефон“, вели овој доктор и додава дека постојано треба да ги потсетуваме дека тоа е привремена состојба, и дека тоа се прави за да ги заштитиме и затоа што тие ни се важни.
Дали децата треба да ги посетуваат?
Знаеме дека постарите лица имаат ослабен имунолошки систем, а децата се како магнети за микробите. Па, од тука разумно е и да се запрашаме дали треба да се гледаат додека не заврши епидемијата од Ковид-19?
Според експертите децата не треба да се третираат поинаку, претпоставувајќи дека нема знаци на болест.
И навистина, идејата физички да не се посетувате едни со други е релевантна само доколку едниот од двајцата членови е навистина болен и постои ризик некој да може да ја пренесе инфекцијата на другиот“, истакнува докторот Рокач.
„Една од најголемите радости што ги имаат моите постари пациенти е всушност гледањето на нивните внуци. Тие сакаат да ги видат своите внуци, сакаат да ги видат своите деца. Ефектите на осаменоста можат да бидат поразителни, затоа клучно е старите лица да одржуваат социјални врски“, вели тој.
Веќе и во Македонија имаме стари лица кои немаат член на семејство или пријател кој може да им помогне во некои основни задачи, како на пример, да им подигнат рецепт или да им купат нешто од продавница или лекови од аптека.
Значи, има многу луѓе кои веќе со денови се во изолација, кои се постари и кои се чувствуваат осамено. Социјалната изолација го зголемува ризикот од депресија, осаменоста, но и други проблеми, велат експертите.
Од друга страна постарите лица навистина се подобро кога ќе ги видат своите најблиски, па затоа не заборавајте на нив. Одржувајте контакт со нив, ако ништо друго, тогаш барем преку мобилен или видео повик.
Понекогаш и тоа може да биде доволно…