Новости
Мартинката за многумина е симбол на здравје, среќа и бериќет но црквата не ја одобрува- тоа е спротивно на православната вера
Ставот на црквата за носење мартинки...
Мартинката е украс од испреплетени конци кои се ставаат на 1 март за здравје во Бугарија, Романија, Македонија, Грција и Србија.
Мартинката се изработува од волнено или памучно предиво во 2 основни бои — бела и црвена и тоа најчесто се прави од волнен конец.
Боите имаат строго определена смисла: црвено – крв, живот; бело – чистота, среќа. Традицијата е на првиот ден од март најстарата жена во семејството да врзува на рацете на децата мартинка за здравје и против уроци.
Традицијата вели уште дека среќа носи таа мартинка која ти е подарена. Затоа сите си даваат мартинки (роднини и пријатели) и досега.
Дента пред Март се прават мартинки и утрината се даруваат на децата за здравје.
Мартинките се носаат до појавата на првото процветано дрво или на првиот виден штрк, а во Македонија и до здогледување на првата ластовица и потоа се прикаќуваат на расцветано дрво.
Една од легендите од 20. век за појавата на мартинката вели дека кога кан Аспарух (основачот на Дунавска Бугарија во 681 г.) ги победил византиските војници, тој напишал писмо за победата и го врзал за ногата на една птица со бел конец. Летајќи сепак, птицата била забележана од византиски војници, кои стрелале во неа и ја повредиле. Иако била повредена таа пристигнала успешно во бугарскиот камп, но белиот конец веќе бил делумно црвен од крвта од раната. И од таму настанала мартинката, која се носи денес.
Како носењето мартинка станува суеверие?
Ако луѓето што ги носат веруваат дека мартинките, откако ќе ги стават на себе на први март, не смеат да ги извадат сѐ до доаѓањето на пролетта и ластовичките (или штрковите), и сѐ додека не расцути првото дрво; и ако, според истото погрешно верување, на крај мора да ги закачат на некое дрво и да си пожелаат добро здравје и среќа, со некаква вера дека желбите преку тој ритуал ќе им се исполнат, тогаш таквото верување, како и ритуал, немаат никаква врска со православната вера, туку се обично суеверие.
Вадењето на мартинката предвреме се смета за несреќа, и затоа луѓето ја чуваат со страв. Стравот е најголем показател дека во нешто е вмешан демонот. Како може од носењето или неносењето на нешто на себе да ни зависи животот и среќата, па макар било тоа и крст, а не мартинка? И крстот е, пред сѐ, внатрешен однос со Бог, а не само надворешен знак.
Во ставот на МПЦ-ОА за носењето мартинка стои истакнато дека доколку некој на својата рака или на својата облека закачи мартинка или бројаница со некаква вера дека тоа, самото по себе, ќе му донесе здравје и среќа, треба да знае дека од тој момент (свесно или несвесно) се откажал од Бог, односно од Православната Вера и Црква, и не може да учествува во нејзините Свети Тајни.
Не може истовремено да веруваме и во Бог и во магичноста на мартинката или бројаницата. Верата и суеверието немаат ништо заедничко, исто како што и Бог нема ништо заедничко со ѓаволот. А на двајца господари не можеме да им служиме: или ќе Му служиме на Бог или на ѓаволот – па секој слободно нека избере кому ќе му служи. И секое друго суеверие, спротивно на православната вера, не е од Бог, колку и да е тоа народен обичај.
Христијанската среќа и здравје извираат од личната заедница со Бог, а не од безлично, магично, фобично и душегубно суеверие – кое е најпогодно за развој на душевни (ментални) болести стои во ставот на МПЦ-ОА.
Извор: Википедија/ bigorski.org.mk/ МПЦ-ОА