Новости

И оние кои НЕ биле заразени со новиот корона вирус можат да развијат ИМУНИТЕТ на Ковид-19? Еве што вели науката за тоа

Имунолошкиот систем на некои луѓе кои немале коронавирус сепак би можел да има некакво препознавање на патогенот – што дополнително би можело да помогне во намалувањето на тежината на болеста ако тоа лице биде инфицирано со Ковид-19, покажа една нова студија.

Студијата, објавена во научното списание „Nature“, покажа дека меѓу 68 здрави испитаници во Германија кои никогаш немале коронавирус, 35 проценти имале Т-клетки во крвта кои биле реактивни на вирусот, пренесува Си-Ен-Ен.

Да потсетиме, Т-клетките се дел од имунитетот и помагаат да се заштити организмот од инфекција. Реактивноста на Т-клетките укажува на тоа дека имунолошкиот систем можеби имал претходно искуство во борба против слична инфекција и може да ја користи оваа меморија за да помогне во борбата против нова инфекција.

Како би можел имунитетот на овие испитаници да има реактивни Т-клетки ако никогаш немале Ковид-19?

Тие „веројатно се стекнати од претходни ендемични инфекции“ од други видови на вирусот корона, пишуваат истражувачите од различни институции во Германија и Велика Британија во новата студија. Употребата на овие Т-клеточни мемории од друга слична инфекција како одговор на нова инфекција се нарекува „вкрстена реактивност“.

Новата студија вклучува анализа на примероци од крв од пациенти кои имале Ковид-19, на возраст од 21 до 81 година и здрави пациенти на возраст од 20 до 64 години. Т-клетки кои се реактивни на вирусот корона се пронајдени кај 83 пациенти со Ковид-19.

Иако истражувачите пронашле постоечки вкрстено-реактивни Т-клетки кај здрави субјекти, тие во студијата напишале дека ефектот на овие клетки врз исходот од инфекцијата Ковид-19 сè уште не е познат.

Наодите од студијата бараат повеќе истражувања, рече д-р Амеш Адалџа, виш научник на Универзитетот Џон Хопкинс, кој не беше вклучен во истражувањето.

„Се чини дека во оваа студија има значителен дел од испитаниците кои го имаат овој вкрстено реактивен имунитет на Т-клетки стекнат од други инфекции со вирусот корона, што може да има одредено влијание врз тоа како реагираат во случај на инфекција со новиот корона вирус. Мислам дека е долг патот од утврдување на постоењето на овие Т-клетки до разбирање каква би можело да биде нивната улога“ истакнува д-р Адалџа.

„Знаеме, на пример, дека децата и младите се релативно поштедени од тешките последици од оваа болест и мислам дека една хипотеза би можела да биде дека Т-клетките се многу поактивни и побројни во помладите години отколку кај постарите. Ако ги споредивме Т-клетките кај луѓе со тешка и лесна инфекција, можеби ќе можеме да заклучиме дека потешките последици се поврзани со помалку вкрстените реактивни Т-клетки и обратно.“

„Мислам дека има биолошки веродостојност во оваа претпоставка. Иако е јасно дека присуството на Т-клетките не спречува да се заразиме, можеби ќе може да ја регулира сериозноста на инфекцијата. Најверојатно се работи за тоа“ додаде Адалџа од Универзитетот Џон Хопкинс.

Досега најголем фокус беше на антителата и улогата што ја играат во градењето имунитет против оваа болест, пренесува „Блиц“. Но, експерт за заразни болести, д-р Вилијам Шафнер, професор по превентивна медицина и заразни болести на Медицинскиот факултет „Вандербилт“ во Нешвил, вели дека Т-клетките не смеат и не можат да бидат игнорирани.

„Имаме студија која сугерира дека постои одредена вкрстена реактивност со обичните коронавируси кои предизвикуваат настинки кај луѓето и дека може да има некаква вкрстена реактивност со вирусот Ковида-19 кој предизвикува толку многу штети. Ова само по себе интригира затоа што од гледна точка на антитела сметавме дека нема премногу вкрстувања. Но ова не е воопшто изненадувачки затоа што сите овие вируси се членови на едно исто семејство, како роднини. Сега мора да видиме дали тоа има влијание врз клиничката пракса. Дали ова значи дека заразено лице има повеќе или помалку шанси за развој на болеста? И дали тоа има какви било импликации врз развојот на вакцината“ – изјави Шафнер за Си-Ен-Ен.

Адалџа додаде дека не е изненаден што видел вкрстена реактивност на Т-клетките кај оние лица кои немале Ковид-19.

„Ковид-19 е седми човечки корона вирус што е откриен. Четири видови на корона вируси циркулираат во заедницата и се одговорни за 25% од обичните настинки. Скоро секој човек во светот имал искуство со некој од овие коронавируси, а бидејќи тие се од исто семејство, се развива и некаков вид на вкрстен реактивен имунитет“ објасни тој.

Ова не е единствената студија која покажа дека постои одредено ниво на имунитет кај некои луѓе на коронавирусот.

Алесандро Сете и Шејн Кроти од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, објавија претходно овој месец во списанието „Природа“ дека „20 до 50 проценти од испитаниците кои не биле изложени на Ковид покажуваат значителна реактивност кон коронавирусот – но додадоа дека клиничката релевантност на реактивност останува непозната“.

Сете и Кроти додаваат и дека до сега е „утврдено дека претходната имунолошка реактивност на САРС-КоВ-2 постои во одредена мера во општата популација“.

Препораки

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
Close