Новости
Што ќе се случува со нашинците што живеат во Германија за претстојните празници?
Меркел призна дека погреши
Одлуката која што беше повлечена е критикувана бидејќи клучните елементи од договорот беа нејасни.
Германската канцеларка Ангела Меркел во текот на вчерашниот ден повика итен состанок со лидерите на германските сојузни држави за да разговараат во врска со пандемијата на корона вирусот. Состанокот се случи еден ден по договорот да се продолжи „локдаунот“ (карантинот) до 18 април.
Армин Лашет, лидер на Христијанско-демократската унија и премиер на најнаселената германска сојузна држава, изјави во обраќањето во регионалниот парламент дека очекува жолчна расправа во врска со она што се случило за време на преговорите што се случија претходно оваа недела, пренесува Ројтерс. На состанокот одржан во понеделникот со лидерите на 16 сојузни покраини канцеларката Меркел се залагаше за поостар став во борбата против пандемијата, откажувајќи се од плановите за постепеното повторно отворање на економијата што беше договорено на претходните состаноци на почетокот од месецот.
Но во преговорите што траеја до раните утрински часови, премиерите на покраините само се договорија околу испраќање на апел до граѓаните да останат во своите домови во текот на петте денови од велигденските празници, настојувајќи да се сузбие третиот бран од пандемијата.
Меркел ја поништи одлуката за „локдаун“
Германската канцеларка во текот на вчерашниот ден изјави дека ја поништува одлуката за построг карантин за време на велигденските празници, изјавувајќи дека тоа било грешка, бидејќи одлуката не е практична.
„Идејата за велигденскиот ‘локдаун“ беше создадена со најдобри намери“ – изјави канцеларката во своето обраќање и додаде дека планот бил брзо донесен и дека не можел да се примени во толку краток временски период.
Меркел погреши?
Меркел на соучесниците на состанокот кој беше вонредно закажан им кажа дека нема да се примени договорот, која таа и премиерите го постигнаа во раните утрински часови во вторникот, за мерките што би требало да важат за Велигден, по ки повеќето продавници би требало да бидат затворени, а бројот на луѓе на семејните собири дополнително ограничен.
Критиките со кои беше дочекан таквиот договор од пред три дена се однесуваа најнапред на тоа дека, и покрај маратонските разговори на канцеларката со покраинските премиери, клучните елементи од договорот што беше донесен во понеделникот, всушност останаа нејасни.
Германските деловни луѓе и претставниците на индустријата се пожалија дека им е нејасно што значат мерките за велигденското затворање во пракса.
„Во прашање е моја грешка“, изјави Меркел, пренесуваат странските медиуми.
Според нивните наводи причина за таквата одлука е што затворањето или силното ограничување на деловните активности од 1 до 3 април би можел тешко да се примени во пракса. Германските сојузни и покраински влади претходно се договорија затворањето да се продолжи до 18 април, па ги повикаа граѓаните и за време на велигденските празници да останат дома за да му се спротивстават на третиот бран на пандемијата на корона вирусот.
Но овој план очигледно нема да се спроведе во целост.
Од друга страна, се поголемо е и незадоволството на граѓаните од строгите мерки, а владејачката Христијанско-демократска унија бележи силен пад на популарноста воочи изборите предвидени за септември.