Кафе муабет

Утре е Ѓурѓовден- празник на здравјето и обновувањето на природата и животот: Ова се обичаите

Голем празник...

Утре е Ѓурѓовден, најголемиот христијански празник од пролетниот циклус којшто е непроменлив празник и секогаш се паѓа на 23 април по новиот календар, односно на 6 мај по стариот календар.

фото илустрација

Овој празник го празнува не само христијанското, туку и целото население воопшто. Има голема традиција во словенските земји, меѓу кои и во Македонија, што значи дека неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на растителноста и на животот воопшто.

фото илустрација

На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи и сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето.

Кај Македонците со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна поговорка се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн.

фото илустрација

Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред се, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на растителноста воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција. Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро. Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките. На билје се оди во блиските шуми каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поедуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл. Тамо во групи девојки, млади невести или постари жени ги изведуваат билјарските обичаи и ги пеат билјарските песни.

фото илустрација

Овој ритуал е најистакнат во Западна Македонија, подеднакво исто и кај Македонците Христијани и кај Македонците Муслимани.

Вечерта спроти Ѓурѓовден се запотнува со гранки од леска и со кукурек. Според верувањето потката треба да ги чува објектите и предметите од разни опасности, болести и други несреќи, а нивите заедно со бериќетот од секаква штета, од пороен дожд, од штетни животни, инсекти, болести и сл. Со леска се запотнуваат нивите леите, куќите плевните и други поголеми објекти. Леската според народното верување е сигурен заштитник особено од град и гром. Во леска гром не удира бидејќи Господ ја благословил, а удира само во дрво под кое седи ѓаволот.

фото илустрација

Од Велигден до Спасовден (а во тој период редовно се паѓа и Ѓурѓовден) луѓето се поздравуваат со „Христос воскресе” и си отпоздравуваат со „Вистина воскресе”, и вапцуваат јајца со црвена боја. За Ѓурѓовден јајцата се вапцуваат вечерта спроти празникот и никој, освен домаќинката што ги вапцува, не смее да ги види до утрото. Утрото пак, кога децата ќе се разбудат со црвено јајце им се минува по лицето со зборовите „Црвено бело дебело” за да бидат дебели и црвени во образите како јајцето (црвенилото симболизира здравје).

фото илустрација

Именден празнуваат: Ѓорѓија, Ѓуро, Ѓурѓа, Ѓоре, Ганка, Ганчо, Гинка, Ѓурѓица и др.

Главен обичај е плетење венец од билки, миење со цвеќиња, капење во река.

Извор Википедија

Tags

Препораки

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
Close