Дом и семејство

„Ни се јавуваат родители кои бараат помош за агресивното однесување на нивните деца!“

Еве кои проблеми најчесто ги мачат родителите во Македонија

Анонимната и доверлива услуга е достапна секој работен ден во периодот од 15 до 20 часот на 075/ 230- 530

Нема дефиниција за тоа како да се биде добар родител. Родителите пред се создаватели а потоа воспитувачи и заштитници.

фото илустрација

Најважно е да не се изгубите во родителството. Да прифатите дека идентитетот на родителот не е единствениот достапен за вас, да не гледате на себеси само како родител, туку како личност со вашите потреби и желби, соништа …

Преку грижата за себе, за своето емотивно и ментално здравје му даваме добар пример на детето што значи всушност грижлив родител и само преку грижата за себе можеме да бидеме присутни и да даваме поддршка и добар пример за нашите најблиски.

фото илустрација

Иако понекогаш да се биде родител знае да биде и многу тешко, бидејќи родителството само по себе носи многу предизвици, стравови, соочување со непријатни ситуации, но сепак тоа е најубавата улога во животот.

Но како правилно да го воспитаме детето? Сте се запрашале ли некогаш каде погрешив или каде грешам? Кога е време да побарате помош?

За сите прашања кои ви создаваат дилема ние се потрудивме да добиеме одговор. Поразговаравме со Фросина Ивановска – координаторка на линијата за родители, Ирена Жунгулова – супервизор/ментор, Софија Пејчова – оператор и Ненад Сецков – оператор кои се дел од тмот на “Линијата за родители” која функционира од април минатата година а чија цел е обезбедување помош и поддршка на родителите и другите членови на семејството кои се вклучени во грижата и воспитувањето на детето/децата во насока на правилен развој на децата, а со тоа да се придонесе кон превенција од непосакувани односи родител/дете, односно превенција и заштита од сите облици на насилство врз деца.

Бесплатната линија за помош за родители 075/ 230- 530 нуди поддршка и советување на родителите и старателите и работи секој работен ден од 15:00 до 20:00 часот.

фото илустрација

Кои се најчести прашања кои ги поставуваат родителите?

Родителите најчесто се јавуваат кога се чувствуваат загрижено и исплашено во врска со некое однесување или состојба кај децата, кога се несигурни во врска со одредена развојна промена кај децата и кој е најсоодветниот начин да се одговори на истата, или пак кога се чувствуваат заглавено и безизлезно со досегашното справување со одредено однесување или генерално чувство дека не се снаоѓаат добро со задоволување на неговите/нејзините потреби.

Како фунционира линијата за родители, има ли одредено работно време?

-Анонимната и доверлива услуга е достапна секој работен ден во периодот од 15 до 20 часот на 075/ 230 -530, и е наменета за сите родители, старатели и згрижувачи, но и за сите оние кои се грижат или работат со деца.

Преку линијата за родители, на корисниците им се обезбедуваат практични совети како соодветно да одговорат на бихевиоралните и емоционалните потреби или промени кај детето од неговото раѓање до периодот на адолесценција, но и како соодветно да одговорат на секојдневните предизвици.

фото илустрација

-Тимот е зајакнат со 10 оператор(к)и и 6 супервизори, кои имаат поминато обуки по психолошко советување и/или психотерапија. Покрај соодветната образовна позадина и дополнителните доквалификации, давателите на услуга добиваат почетна, но и континуирана едукација и поддршка во насока на обезбедување на поквалитетна услуга, меѓутоа и нивен професионален развој.

Кои се најчести проблеми со кои се соочуваат родителите според досегашното ваше искуство?

Најголем број на јавувања се поради проблеми во однесувањата кај нивните деца и тоа несодветно изразување на лутина и агресивно однесување, непочитување на правила, потешкотии при воспоставување и следење на работни навики (време поминато пред екрани), како и адаптација на нови средини и услови (почеток во градинка, училиште или онлајн настава) или пак разделба на родителите или отсутност на родителите од различни причини.

фото илустрација

Дали пандемијата влијаеше на зголемување на бројот на родители кои бараат помош, совет?

Искуството покажува дека влијае на дел од проблемите со кои родителите се соочуваат, како адаптацијата на онлајн настава, воспоставувањето и следењето на работните навики, социјализацијата кај поголемите деца и времето поминато пред екрани.

фото илустрација

Мајките или татковците, кој почесто бара совет?

Досегашното искуство покажува дека почесто се јавуваат мајките, но иако процент на јавувања од татковци е помал, сепак тоа е солидна бројка на посветени и загрижени татковци, и голем дел од нив се разделени или во постапка на разделба со мајката, па бараат поддршка околу адаптирање на промената и одржување на квалитетна врска со децата. Има голем процент на јавувања и од други членови на семејството кои се вклучени во грижата за децата, најчесто баби, и се загрижени или сакаат да помогнат во постигнување на промена кај некое проблематично однесување или пак се несигурни како да дадат поддршка кон правилен развој на децата.

фото илустрација

Совет од вас до родителите кој сметате дека би им помогнал во воспитувањето?

Родителството се учи, и она што се обидуваме да го поттикнеме кај родителите и другите корисници на услугата, да се потрудат при учењето и совладувањето на предизвиците да има и уживање, но и потсетување за секојдневните навидум мали успеси. Родителството e видот на врска што што сакате да ја создадете со вашето дете. Начинот на воспитување произлегува од личните искуства и семејното живеење. Грешките кои ги прават родителите не се поради недостаток на љубов, туку поради непознавање на поефективни форми на воспитување, а недостатокот на информации и знаење некогаш може да го однесат родителот во погрешна насока.

фото илустрација

9.Според досегашното искуство,каде грешат родителите во воспитувањето на децата?

Најпрво би сакале да го избегнеме зборот грешка и да го преведеме во предизвик односно да ги согледаме предизвиците со кои се соочуваат родителите во воспитувањето. Најчесто предизвиците можеме да ги видиме или во преголемата попустливост, ниски барања и очекувања од детето или во поставување на ригидни граници односно кога родителот применува крута и строга дисциплина. Често пати децата се критикуваат со цел да се мотивираат за одредено однесување наместо да се користат пофалби и награди со цел да се обликува најсоодветното однесување. Исто така може да забележиме дека родителите честопати прават се за да избегнат присуство на емоции на тага и лутина наместо да ги препознаат емоциите и да иницираат разговор за нивното присуство и како да се соочат со нив. Тука би ги истакнале вештините на самиот родител да ги препознае, прифати и да се соочи со сопствените емоции.

Казна за лошо однесување и награда за добро однесување на детето, ДА или НЕ?

Во позитивното родителствување предност имаат пофалбите и наградите, при што се мотивира детето да го повтори посакуваното однесување. Притоа важно е пофалбите да бидат реални и приземни, а наградата не мора да биде материјална, може да биде заедничко време и активност кое што го исполнува детето. Во однос на казната, важно е да се направи разлика помеѓу последица и казна. При применување на ‘’последицата’’ се дава избор на детето,на тој начин детето учи лична одговорност и претходно му се најавува последицата од одредено однесување, пример – Ако не ја завршиш домашната задача нема да може да го користиш мобилниот една недела-. Пожелно е последиците да бидат реални и доследни односно да се спроведуваат од страна на сите членови во семејството. Последиците од непожелното однесување треба да имаат смисла, важно е да се избере релевантна последица која ќе има ефект и треба да имаат одредено времетраење. Важно е да се напомене дека оваа стратегија( решавање проблем) треба да се користи само доколку другите начини на позитивно родителствување не функционира.

фото илустрација

Кој е најважниот период за правилен развој и воспитување на детето?

Секој развоен период има свое значење и си носи предизвици и развојни потешкотии со кои се соочуваат родителите во различните развојни фази. Важно е да издвоиме дека е утврдено дека мозокот на човекот се развива многу брзо и до 7-мата година формирани се повеќе од 70% од синапсите, со ова самата физиологија кај човекот налага колку е важен овој предучилишен период за правилен развој на детето- вклучително социоемоционалниот развој, фина моторика, груба моторика и комуникацијата. Секако дека останатите развојни периоди на средно детство ( 7-11 години), пубертет (11-15), адолесценција (после 15) се исто така исклучително важни за развојот на детето и со себе носат различни видови на потешкотии со кои се соочуваат родителите. Она што е важно да му се овозможи на детето стимулирачка средина, нега и љубов и безбедно поле каде што ќе може детето да ги развива своите капацитети во сите свои развојни фази.

фото илустрација

Како родителите да ја зајакнат врската со своето дете?

Исклучително е важно родителите да бидат присутни, да бидат ‘’сега и овде’’ за своето дете со цел да ги следат неговите потреби. Со тоа што ќе развиваат сензибилитет за неговата индивидуалност (бидејќи секое дете е свој свет и своја приказна)ќе му остават простор да се изразува и да ја развива личнат одговорност и самостојност. Зајакнувањето на релацијата родител-дете се случува и преку негување на трпеливост,взаемно почитување и комуникација, давање поддршка и градење цврст и воедно топол однос со своите деца.

фото илустрација

Живееме во време кога родителите се преплавени со работни обврски и немаат премногу време за дружење со децата? Што препорачувате во ваквите случаи, како да се помине повеќе време со детето?

И покрај динамичното живеење, силна препорака е да се одвои време посветено на заеднички активности, развој на детето и активно поминато време со членовите на семејството. Доколку е потребна јасна временска рамка може ова да биде правило кое што ќе го почитуваат сите членови во семејството, макар тоа да биде и еден час во денот или одредено време за викендот кое ќе биде резервирано само за детето и семејството.

фото илустрација

Како родителите да го зајакнат менталното здравје ?

Грижата за себе е на еден начин и грижа за сопственото дете. Одговорноста е на родителите да се погрижат за нега на своето ментално здравје и емоционална писменост со цел да го зголемат чувството на сигурност и компетентност во улогата на родител. Одвојувањето време за себе, грижата за себе дава и модел што значи лична одговорност и дава сила за соочување со предизвиците на родителствувањето. Зајакнувањето на менталното здравје се случува преку едукација за емотивните состојби, преку грижа за физичкото здравје, создавање здрави навики и негување на асертивна комуникација, воедно и на партнерската релација, совладување различни начини за справување со стрес.

фото илустрација

Треба ли на децата да им се даваат домашни обврски и како тоа влијае врз нивниот развој?

Секако дека дел од домашните обврските во согласност со нивната возраст се предаваат на децата со цел да се развие лична одговорност, чуство на компетентност и независност на тој начин децата се чусвствуваат важни и се развива нивната самодоверба. При тоа преку позитивните инструкции, со пофалбите и наградите детето се мотивира да го повторува пожелното однесување. Се препорачува давањето на домашните обврски да се прави преку позитивно формулирани инструкции, кажувајте им на децата што треба да направат наместо да им кажувате што не треба да направат. Важно е да се дава една по една инструкција, не повеќе од една и со тоа се намалува конфузијата кај децата, јасно е што е тоа што се очекува од нив, сето ова води кон чуство на сигурност и формирање на помирна атмосфера во домот.

фото илустрација

Постои ли начин да се биде совршен родител?

Совршен родител не постои и ги охрабруваме родителите да се растеретат од идејата за перфектното родителствување. Добар родител е оној кој што е свесен за своите силни и слаби страни и согледува каде би можел да се надоградува. Некој можеби е повешт во поставување на граници и правила, друг родител можеби е подобар во креирање на емпатичен и топол однос, она што е важно е да се креира стабилна и посветена врска помеѓу родителот и детето кое се темели на комуникација и заемно почитување. Одговорните родители размислуваат внимателно кога ќе се појави проблем, пробуваат да воспостават контрола над своите емоции и да се посветат на изнаоѓање на различни начини за справување со проблемот.

фото илустрација

Во кој период од годината има најголем број на јавувања?

Бројот на јавувања почна да се зголемува по изработката и споделувањето на промотивните видеа во април месец оваа година, односно секојдневно примаме по неколку повици и најзначајно за нас поголемиот дел од родителите да се јавуваат по неколку пати до постигнување на целта/промената за која првично се јавиле. Од почетокот на 2021 година заклучно со месец јули на линијата се примени околу 180 повици.

фото илустрација

Како да се биде добар пример за детето?

Единствен начин да се биде добар пример за детето е преку живеење на советите кои родителите ги даваат на децата. Децата најдобро учат преку модел односно постојано го набљудуваат родителот како се однесува , на пример како се справува со лутина и тага, дали самиот родител ги почитува поставените правила, дали употребува хумор, што значи да се биде емпатичен и тн. Преку грижата за себе, за своето емотивно и ментално здравје му даваме добар пример на детето што значи всушност грижлив родител и само преку грижата за себе можеме да бидеме присутни и да даваме поддршка и добар пример за нашите најблиски.

Tags

Препораки

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
Close