Дом и семејство
Мајката го напушти синчето со Даунов синдром па таткото реши самиот да се грижи за него- ја остави сопругата и сега Миша е неговиот цел свет!
Самохран татко за пример...
Евгениј Анисимов (33) од Русија не можеше ни да помисли да го остави своето дете во сиропиталиште, како што му сугерираше неговата сопруга.
Неговиот син Миша е роден со Дaунов синдром, а неговата мајка не можеше да се справи со тоа, па ги остави. Таткото на Миша реши да го одгледа сам и ја сподели својата приказна со светот со цел да им покаже на сите колку се прекрасни децата со оваа дијaгноза, но и да ги мотивира другите родители никогаш да не се откажуваат, туку да соберат храброст и да се соочат со предизвици, особено кога станува збор за нивните деца.
Децата со Даунов синдром имаат убава, весела и оптимистичка личност, поради што се нарекуваат и деца на Сонцето. Ако растат во здраво и среќно семејство, ги имаат сите шанси за нормален живот. Евгениј верува дека образованието е исклучително важно затоа што незнаењето доведува до страв и предрасуди, но исто така и до драстични потези како оние на неговата сега веќе поранешна сопруга кога таа ги напуштила.
– Моментот на среќа по неговото раѓање траеше точно една минута и 39 секунди кога докторот ни рече: „Се плашам дека вашето бебе има Даунов синдром“. Не знаев што да направам, но мислев дека мојата задача во тој момент е да ги исклучам емоциите и да ја поддржувам сопругата затоа што верував дека ќе и биде тешко – се сеќава Евгениј и додава дека чекале неколку дена да се потврди дијагнозата.
– Не плачев долго време, но подоцна тие солзи ме посрамотија. На крајот на краиштата, ништо не се смени во мојот живот. Сè се случи како што планиравме, се роди мојот син – вели горд тато.
Истата вечер, тој седна на компјутер и тргна да истражува сè за дијагнозата на неговиот син, како и за децата кои страдаат од Даунов синдром.
– Не знаев ништо за таа дијагноза. Се сетив само на ужасните фотографии од учебникот за советска биологија. Влегов на Интернет и истражував. Дознав за Евелина Бледанс и нејзиниот Семјон, кој е роден во истата породилна болница со Миша. Научив дека во Европа, луѓето со Даунов синдром се добро социјализирани, дека можат да живеат и да работат самостојно – вели Евгениј.
Тоа знаење не го промени расположението на неговата сопруга. Таа почувствува дека не е подготвена за ваков вид одговорност и реши да го остави детето. Од друга страна, Евгениј замислуваше дека ќе му го посвети својот живот на неговиот син.
– Во ниту еден момент не помислив да го оставам во сиропиталиште, тоа би било навистина нехумано. Сопругата и јас наскоро се разделивме … Така започна мојот нов живот. Станав самохран татко на детето на Сонцето.
Тој вели дека се обидел да ја убеди сопругата да се предомисли, но таа не сакала. Дотогаш пријателите го нарекуваа папучар поради неговиот однос кон неговата сопруга, но сега Евгениј реши да биде силен.
– Кога станува збор за мојот син, јас бев подготвен за конфликт. Се обидов да ја убедам дека заедно ќе го поминеме сето ова и ќе ги надминеме пречките … Тој конфликт доведе до наш крај.Само сега сфаќам дека таа всушност се исплаши – вели Евгениј.
Тој нагласува дека не се смета себе си за херој, како што го нарекуваат некои.
– Беше сосема нормално и природно да останам со мојот син, кому навистина му требам. Јас го воспитувам Миша најдобро што знам и умеам – заклучува Евгениј, кој сака да ги инспирира сите луѓе кои се во иста ситуација како него да бидат храбри со неговиот пример.