Дом и семејство

ИСКРЕНА ИСПОВЕД НА КРИСТИНА: Го гледав моето бебе како се бори за живот и со солзи во очите го молев Бог да се случи чудо!

Кристина отворено зборува за компликациите во бременоста

Велат Господ ти дава тежина и предизвици, онолку колку што можеш да издржиш, вака ја започнува својата исповед за Мама.Гламур, Кристина Цветковска.

Таа е мајка на три деца, која иако сметала дека како и претходните две бремености, така и третата ќе помине во најдобар ред, сепак најубавиот период за неа се претвори буквално во кошмар, кој и донесе страв, исчекување, соочување со најтешките прашања, дали ќе биде се во ред?

 

Патот до нејзиното трето дете не бил воопшто лесен а слободно може да се каже дека додека го очекуваше својот мал борец Тадеј животот и се претвори во “пекол”.

Тадеј е бебе родено во 30-тата недела од бременоста кој ја доби титулата херој.

Иако мал и беспомошен, тој уште од првите денови во својот живот го прифати предизвикот и успеа да ја извојува најголемата битка.

Најпрво поради медицинска грешка во водење на бременоста Тадеј требаше да се роди предвреме. По соочувањето со сепса, неразвиени бели дробови, крварење на мозок и сите компликации во бременоста кои доведоа до тоа Кристина да остане без матка, не ја обезхрабрија неа како мајка, да престане да верува во чудо.

Секојдневно со солзи во очите без да изгуби надеж го гледала своето дете како се бори за живот во инкубатор, за на крај се да заврши среќно и денес Тадеј да расте заедно со своето семејство.

Вие ја почувствувавте најтешката борба со која може да се носи една мајка, како издржавте?

-Секој момент кога ќе се навратам на деновите, и самиот чин на породување со Тадеј, на интензивна нега и неговата борба со сепсата, неразвиени бели дробови, моментот кога беше поставен на машина за дишење и многуте реанимации, крварење во мозочето, и јас се чудам како издржав. Искрено, не би можела ништо без мојот сопруг кој ми беше најголема поддршка. Заедно се молевме 24 часа да се случи чудо, но сепак верувавме дека нашиот малечок Тадеј е борец и ќе успее да ја победи оваа битка. Морав да бидам силна за моите деца, не смеев да си дозволам да ја видат мама тажна, со солзи во очите, никогаш нема да си дозволам да ги растажам, иако чувствуваа дека нешто не е во ред и по неколку пати во денот доаѓаа до мене и ме прашуваа: Мамо добро ли си? Немаше да издржам ниту без мојата мајка, која ми беше рамо за плачење. Едноставно успеав да издржам поради големата љубов и вербата. Но на крајот се помина, фала му на Бог го земав дома жив и здрав.

Како се чувствуваше кога дозна дека докторот треба да те породи пред предвидениот термин?

-За мене тоа беше вистински шок бидејќи воопшто не очекував дека ќе се породам пред терминот. Тадеј требаше да се роди во месец мај, терминот беше тогаш но дијагнозата Плацента превија не беше видена 7 месеци и поради тоа се случи тој да се роди предвреме. И покрај редовните контроли, за жал поради медицинска грешка во следење на бременоста за која не сакам многу да зборувам бидејќи тоа е веќе работа на судот, се случи да се породам предвреме, откачување на плацентата и губење на матката.

Благодарност до Доктор Стојовски, доктор Манџуков и целиот медицински тим кој даде се од себе за да го спаси мојот мал борец.

Тадеј денес има 1 година и 8 месеци и расте среќно со своето семејство

Кристина открива интересна приказна за тоа како Тадеј го добил името

Во која недела е роден малиот борец, и зошто се одлучивте за тоа име?

-Тадеј е роден во 30-тата недела од бременоста со 1750 грама но поради компликациите постојано губеше на килажа. Името беше моја желба а ми се допадна кога го запознав вереникот на мојата пријателка Зои,  Тадеј Матијашиќ кој играше во ракометниот клуб Металург. Бев кај неа на гости, кога тој дојде од тренинг и се запознавме. Веднаш штом му го слушнав името и реков : Зои, ако е машко ќе се вика Тадеј. Кога се вратив дома веднаш почнав да истражувам за името бидејќи не е често. Таде е еден од 12-те апостоли и на 03.09 го славиме неговиот именден Св. Тадеј.

 

Тадеј за својот прв роденден

Мајка си на три деца, ги имаш ќерката Тамара и синот Новак, колку последната бременост со Тадеј се разликуваше од првите две?

-Најубав момент за една жена е бременоста. Искрено беше полесна од првите две бремености. Уште додека бев бремена со него знаев дека тој ќе биде лакомо бебе. Мама беше секогаш гладна, а тато беше тој кој ги исполнуваше сите желби. Најчесто навечер ми се пријавуваше па мојот сопруг го вртеше буквално целиот град за да ми удоволи. Лесна бременост, тежок пораѓај и најубав дар, Тадеј.

Како Тамара и Новак реагираа кога го гледаа своето мало братче како се бори за живот во инкубатор, како вие како родители се чувствувавте?

-Ниту ние ниту Новак и Тамара не го видоа Тадеј 40 дена. Тие не го видоа дури ни преку стакло. Тогаш беше епидемија со морбили и беше забранета посета. Со сопругот им објаснивме дека бато е премногу мал но им ветивме дека кога малку ќе порасне ќе им го дадеме да го држат во своите раце. Секој ден прашуваа за него и го гледаа на слика. Секоја вечер одевме под неговиот прозорец во болницата за да почувствува дека сме со него и дека не е сам во својата борба. Сакавме да знае колку многу љубов го чека кога ќе дојде дома.

Кристина вели дека токму Тадеј бил лекот за нејзината борба со анксиозноста…

Влијае ли стресот врз предвременото породување, конкретно кај тебе, дали можеби и тоа имаше улога?

-Напротив најубавите моменти се случија кога бев бремена со Тадеј. Бев најсмирената личност како никогаш до сега, не се препознавава себеси. Пред бременоста се борев со анксиозност и примав редовна терапија, но моментот кога дознав дека повторно ќе станам мајка ме направи најсилната личност. Мојот лек за анксиозноста беше Тадеј. Дента кога дознав дека сум бремена со него, ги фрлив сите лекови иако докторите ме советуваа да продолжам да ги пијам бидејќи нема да влијаат на мојата бременост. Но не ми беа потребни бидејќи имав се што ми треба, мир, хармонија, љубов и разбирање…

Имавте ли надеж дека Тадеј ќе успее да се избори, им верувавте ли на докторите?

-Знаете, имав тешко породување, десет дена бев во болница, не смеев да станам од кревет и информациите за Тадеј ги добивав телефонски. Кога ситуацијата на Тадеј ќе се влошеше тогаш сопругот ги добиваше информациите, а јас ги добивав во блага форма. Верував во моето јуначе и се молев на Бог. Верував во докторите, моето дете беше во нивни раце 24 часа, тие правеа се за да го спасат, 40 дена се бореше за живот и на крајот успеа благодарение на нив. Нема да верувате како гледаат на нив. Нема да ја заборавам сестра Тања која ги испраќаше бебеињата дома. Зборуваше со мојот Тадеј, го гушкаше, во очите можев да и прочитам колкава љубов чувствува за моето дете.

Какво бебе е Тадеј, сега откако помина се, се разликува ли од своите братче и сестричка?

-Знаете што е чудо од бебе. Никој не верува дека Тадеј е предвреме родено бебе. Ги стигна своите врсници, зборува, трча, јаде и мирува само кога спие. Тој е главен во домот, мора сите да го слушаме. Тој е најхиперактивното бебе кое сум го видела. Најмал и главен…

17 ноември беше Светски ден на предвреме родените бебиња, дали можеби со својата приказна за која реши јавно да проговориш сакаше да ги охрабриш мајките на малите борци?

-Да, постојано зборувам јавно за да ги охрабрам сите јаки, лавици на предвреме родени бебиња. Бидете горди на своите херои, зборувајте гласно нека ова не биде табу тема. Да се избориме за идните мајки кои ќе се соочат со вакви проблеми да можат да ги поминат деновите во болница заедно со своето бебе. Да не молат за информации, да можат да бидат со него да го нахранат, пресоблечат, погалат, успијат и д аму ја дадат потребната мајчинска љубов. Гушкајте се, сакајте се, љубете се, бидејчи само така се освојуваат најтешките битки.

Весна Крстевска

Tags

Препораки

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
Close