Кафе муабет
ПОРАЗИТЕЛНИ РЕЗУЛТАТИ: Унеско предупредува на генерациска катастрофа поради затворањето на училиштата!
Учениците имаат потешкотии во читањето...
Пред неколку дена УНЕСКО излезе со фрапантни бројки.
Имено беше соопштено дека дури 20 проценти повеќе ученици низ целиот свет во 2020 година не ги стекнале основните вештини за читање што се очекуваат за нивната возраст, поради делумното затворање на училиштата за време на пандемијата Ковид 19.
„Бројот на деца со тешкотии во читањето е поголем за 100 милиони, достигнувајќи 584 милиони минатата година, што е зголемување за повеќе од 20 проценти што го неутрализира напредокот постигнат во последните две децении“, рече Организацијата за образование на ООН во деталниот извештај во кој се вели дека станува збор за „генерациска катастрофа“.
Овој клучен индикатор ја мери способноста за читање на децата во второ и трето одделение од основно училиште секоја година. Доколку читањето не е совладано, како што е овој случај, тоа може да го попречи образованието на учениците на долг рок.
Како што истакна Одри Азула, УНЕСКО стравува дека поради коронавирусот ќе следи децениско нарушување и повикува на вонредни напори како што се воведување курсеви и стратегии за да се надополни овој заостанат број.
„Образованието треба да биде приоритет во мерките што се преземаат кон здравствената криза и во плановите за закрепнување“, изјави за Франс Прес генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азула.
„Треба да се мобилизира меѓународната соработка за да се почитува основното право на образование и да се обезбеди континуитет на учењето“, рече таа пред започнување на меѓународниот состанок на министрите за образование во понеделникот.
Во извештајот се наведува дека 65 проценти од владите со ниски примања го намалиле финансирањето за образование, во споредба со 35 проценти во земјите со високи примања.
„Загубите во учењето“ ќе бидат најголеми во Латинска Америка и Карибите и во Централна и Јужна Азија.
Училиштата се целосно затворени во околу триесет земји, вклучувајќи ги Мексико, Унгарија и Саудиска Арабија.
Повеќето земји се определија за делумно отворање под одредени услови, како што се Соединетите Американски Држави, каде што родителите организираат демонстрации од почетокот на годината.
Училиштата се целосно отворени во околу половина од земјите во светот (107), претежно во Африка, Азија и Европа.