Новости
ЗА МНОГУ ГОДИНИ: Денеска е Ѓурѓовден празникот на обновување на природата и животот- ова се обичаите
Се празнува во чест на Св. великомаченик Георгиј Победоносец...
Ѓурѓовден е христијански празник кој се празнува на 6 мај со кој се одбележува споменот на Св. Ѓорѓија. Го слават и католиците и православните на 23 април, секој според својот календар.
Ѓурѓовден е празник со многу народни обичаи поврзани со него, и магични акции за заштита, здравје и плодност, кои се изведуваат на тој ден.
Обичаите и верувањата поврзани со Ѓурѓовден секако постоеле меѓу народот уште пред да го прифатат христијанството. Ѓурѓовден се смета за граница меѓу зимата и летото, празник поврзан со здравјето на семејството, брак и венчавање на младите, плодност на стоката и добра жетва. Има толку многу обичаи и верувања поврзани со овој празник.
Главните обичаи се: Плетење венчиња од тревки, миење со тревки, пливање во река.
Значи дека неговата основа е празнувањето на природата, на разбудувањето на растителноста и на животот воопшто.
Бидејќи Ѓурѓовден е голем празник, тој во некои се слави и како национален празнии и како празник патрон на некои држави и градови. Свети Георгиј е патрон на Грузија, чие име и го носи, на Москва, Англија, Каталонија и сл. На Ѓурѓовден се изведуваат многу и најразлични обичаи. Ниту за еден друг празник не ги има толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа има цел да осигура напредок и плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и напредок на луѓето. Овој празник има многу сличности со други празници кај разни народи во разни периоди од развојот на човештвото воопшто. Така на пр. има многу сличности со римскиот празник Палилија (21 април) кога Римјаните ги кителе стоката и шталите со зелени гранки, а овчарите на богот Палес му принесувале жртви за тој да ги заштити и луѓето и стоката од разни несреќи и да обезбеди напредок. Празници според обичаите слични на Ѓурѓовден можат да се сретнат и кај некои други народи. Така на пр. Литванците во 16 век на 23 април му принесувале жртви на богот на пролетта, растенијата и зеленилото.
Кај Македонците со Ѓурѓовден започнува летната половина од годината што трае до Митровден. Затоа во една македонска народна поговорка се вели: „Дојде ли Ѓурѓовден, чекај си Митровден”. На овој ден се избираат селски одборници, протуѓери, полјаци, потоа се главуваат момоци, овчари, козари, говедари итн. Заедно со тоа луѓето се подготвуваат за периодот што следува и што е исполнет со многу, пред се, полски работи. Човекот му се радува на оживувањето на природата, никнувањето на есенските посеви, на разлистувањето на овошките на раззеленувањето на гората и на обновувањето на растителноста воопшто, бидејќи тоа значи и негова егзистенција.
Меѓу повеќето обичаи и песни поврзани со овој ден посебно значајно место заземаат оние т.н. билјарски обичаи и песни што се изведуваат при берењето на билките вечерта спроти празникот и на самиот ден рано наутро. Берењето на штотуку изникнатите и разлистени растенија е поврзано со обичајот запотнување, како и со обичајот крмење на стоката, а тие пак со верувањето во магичната моќ на билките. На билје се оди во блиските шуми каде што можат да се најдат разлистани некои билки за кои се верува дека поедуваат магиска моќ, како што се кукурекот, здравецот, вратиката, среќата, но и некои други растенија како леската, дренот и сл. Тамо во групи девојки, млади невести или постари жени ги изведуваат билјарските обичаи и ги пеат билјарските песни.
Овој ритуал е најитакна во Западна Македонија, подеднакво исто и кај Македонците Христијани и кај Македонците Муслимани.