Новости

Божиќ е празник на децата: Домаќинката меси лепче со паричка, трпезата е посна- македонски обичаи за големите празници Бадник и Божиќ

Божиќ е втор најголем празник по Велигден...

Шести јануари, денот во очи Божиќ е наречен Бадников ден. Ова е ден пред роденденот на Исус Христос, според христијанската традиција.

Според обичаите на овој ден народот се весели, бидејќи суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден — Христовото раѓање.

Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.

Според она што го запишал Шапкарев, зборот Бадник- будник најверојатно доаѓа од старословенски – да бидеш буден. Таа ноќ, според преданијата „сите во домот не заспиваат туку преноќеваат будни, па затоа таа ноќ е наречена: бадник – будник“.

Рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др. и пеат песна за наговестување на раѓањето Христово.

И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето и будноста покрај обредниот оган.

На овој ден задолжително е бадниковото гранче, кое е обично младо, дабово или црешово дрво, кое се сече рано наутро на Бадник и се донесува пред куќата.

Вечерта, пред Божиќ, Бадниковото гранче се сече и се носи во куќата заедно со слама и пченица.

Што симболизира Бадниковото гранче?

Бадниковото гранче симболично го претставува дрвото што го донеле пастирите и за кое праведниот Јосиф запалил огин во студената пештера, кога се родил Христос.

 

Бадник го навестува и дрвото на Крстот Христов.

Бадниковото гранче се делина три дела, едното се става пред домот, на влезната врата, другото треба да се запали во оган, а третото треба да стоина бадниковата трпеза.

Бадникова вечера

 

Бадниковата вечера практично ги спојува Бадник и Божиќ.

 

Како што е напишано на Википедиа, кај нашите предци внесувањето на бадникот во домот било проследено со обредно внесување на сламата и сито кое е наполнето со сите видови на жита, како и со суви овошја со кои се посипувал бадникот, а потоа се ситото се ставало на трпезата или до огништето.При внесувањето на Бадникот домаѓинот ги поздравува домашните, а тие го поздравуваат Бадникот со благослови.

 

Одејќи со сламата низ куќата домаќинот ја имитирал квочката, а домашните го следеле со ономатопеја на пилињата. На тој начин се барала поддршка од натприродните сили за благосостојба и плодност. По вечерата Бадникот се ставал во огниште да гори, најчесто домашните го чувале цела ноќ и го потстрекнувале да искри. Во некои краишта Бадникот се полевал со мед, во други на него се ставала златна пара. Во некои краишта, Бадникот не се оставал да догори до крај, неговиот остаток се чувал како силен апотропеон за болести, заштита од штетници и сл. Името на Бадникот доаѓа од зборот бдеење, кое било својствено за практиката бадникот да гори цела ноќ со што неговите моќи се пренесувале на огништето кое го симболизирало семејството и напредокот.

Вечерата е посна, вообичаено се подготвува лепче со паричка, замесено од домаќинката,  риба и грав, тиква, и други посни јадења…

Лепчето во кое има паричка, претставува дел од прославата на Божик. Тоа се дели на онолку дела колку што има членови во домот, и се оставаат две парчиња за куќата, и за Бог…

Се верува дека на тој што ќе му падне паричката на овој ден, ќе биде среќен во текот на целата година.

Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани, или во некои места, духовите на мртвите.

На 7- ми јануари, ден по Бадник, христијаните го празнуваат Божиќ  или Рождество Христово — денот на Христовото раѓање според христијанската традиција.

Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден.

 

 

Најсреќен празник меѓу сите празници е Божиќ кој се слави три дена.

Божиќ е првенствено детски празник. Најубавото и најсветото дете во историјата на човечкиот род се роди на Божиќ.

Затоа, оние родители кои, од која било причина, ги лишуваат своите деца од прославата на Божиќ и искуствата поврзани со тој празник, прават непростлив грев против своите деца.

На крајот на краиштата, Божиќ е празник и привилегија за децата во целиот цивилизиран христијански свет.

Tags

Препораки

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
Close