Новости
Австрија го укинува полицискиот час- се отвораат ресторани и кафулиња, децата се враќаат на училиште!
Поради зголемениот број на заразени на истокот од земјата, Виена и соседните провинции воведоа затворање за Велигден, кое сè уште е на сила...
Австрија планира да ги ублажи епидемиолошките ограничувања на 19 мај, вклучително и отворање ресторани, хотели и театри за прв пат по повеќе од пет месеци, објави владата во петокот.
Досега беа воведени три затворања во Австрија, а последен пат епидемиолошките мерки беа олеснети во февруари.
Тогаш беше дозволено да се отвораат продавници кои не ги продаваат потребните производи и беше воведен ноќен полициски час, наместо целодневно ограничување на движењето.
Поради зголемениот број на заразени на истокот од земјата, Виена и соседните провинции воведоа затворање за Велигден, кое сè уште е на сила.
Австриските болници се оптоварени со поголемо присуство на заболени од британскиот вид. Над 2.000 лица се заразени со ковид-19 дневно.
„Светлото на крајот од тунелот станува се појасно“, рече канцеларот Себастијан Курц на прес-конференција.
Тој рече дека поради ублажување на мерките, бројот на заразени веројатно ќе се зголеми, но додаде дека забрзувањето на вакцинацијата, особено на возраст над 65 години, значи дека бројот на хоспитализирани не мора да се зголеми.
Во исто време, владата преку соопштение објави дека ќе се укине полицискиот час, иако дружењето со повеќе од четири возрасни лица беше забрането од 22 до 5 часот наутро.
Максимум 10 лица ќе можат да седат на маси во ресторани и кафулиња на терасите и четири во затворени простории, додека културните и другите настани ќе бидат ограничени на 3.000 луѓе надвор и 1.500 внатре, стои во одлуката од австриската влада.
Повторно ќе бидат дозволени спортски активности во затворено и во отворено.
Децата и младите ќе се вратат во училиштата на 17 мај.
„Би било најбезбедно да оставиме сè затворено засекогаш, но тоа не е од наш интерес“, потенцира Курц, додавајќи дека прашањето за образованието, работните места и психолошко здравје на Австријците е исто така важно.
Неодамна во интервју за нашиот портал, македонката Благица Ристеска од Прилеп која две години живее во Австрија откри како оваа земја се справува со пандемијата и коронавирусот…
– Корона вирусот дефинитивно влијаеше на начинот на живот врз граѓаните. Почнувајќи од март месец 2020 кога короната стигна во Австрија, а со тоа и првиот „lockdown“, во рок од две недели целосно се смени сликата на Виена којашто сите ја знаеме како град полн со туристички атракции и огромен број на туристи. Но во тие две недели додека треаеше првиот „lockdown“ ретко можеше да се види човек по улиците и јавниот превоз, затворени беа сите продавници, кафулиња, трговски центри, атракции и музеи, освен маркетите за прехрана и аптеките. На почеток имавме строги препораки во однос на дружби со пријатели и роднини кои не живеат на иста адреса. Значи дел од граѓаните не можеа да се видат со своите родители скоро 2 месеци, ако не живеат на иста адреса. Казните за контакти со други граѓани беа огромни. Затворањето на фирмите влијаеше и на тоа дел од фирмите во тие неколку месеци да пропаднат. Државата им даваше помош на фирмите, но не беше доволно. Веќе во мај многу граѓани останаа без работа. Оние кои имаа регулиран престој во Австрија останаа, а оние кои беа дојдени на печалба на црно мораа да се вратат назад. Мерките се олабавија летото, но сепак Виена беше повторно празна. Потоа есента и зимата следеа вториот и третиот „lockdown“. Почнувајќи од ноември ние бевме затворени се до февруари 2021 година, овој пат мерките не беа толку ригорозни, но секако повторно се даде акцент на ограничување на контактите, носење на маски во секој затворен простор (продавници, банки, трговки, државни установи итн.), држење на дистанца итн. До ден денес во Виена не се отворени хотелите за туристи, кафулињата, а рестораните работат само за достава или земање на нарачка без да седите внатре во ресторанот. Бутиците, продавниците за мебел, домаќинство и сите други кои не се поврзани со прехрана во последнава година беа отворени севкупно можеби најмногу 4 месеци. Во поглед на психичкото здравје на граѓаните говори и фактот дека во ова време на криза или пандемија, граѓаните 4 пати повеќе барале помош од психолози и психијатри за разлика од претходно. Да напоменам дека во Австрија се водеа, а и сеуште траат Анти корона протестите, но власта е строга и глува за ваквите барања на граѓаните, потенцираше Благица.
На прашањето како функционираат образовните установи, таа истакна дека за разлика од Македонија, во Австрија наставата се одвива во училиштата уште од почетокот на учебната година.
-Учениците ја следат наставата во училиштето со задолжително носење на маски при влез и излез, во ходниците но не и во училницата за време на часот. Во училниците децата се на дистанца и наставата се одвива на смени. Редовно се проветруваат училниците, а секој понеделник или барем еднаш во неделата тие прават брз корона тест. Градинките работат нормално, децата не носат маска, за време на Lockdown родителите можат да бираат дали ќе ги носат децата во градинка или не. Некои од државните градинки бараа да не се носат во градинка децата чии еден родител е дома.
– При обнова на некој документ може да се чека и со месеци, а во нормални услови неколку дена или една недела. Речиси секогаш каде и да одиш на пр. полиција за документи, кај службеник во банка, магистрат, па и кај општ лекар треба да закажеш термин, а во некои институции може да биде тој термин и по неколку недели. Ограничувањата за купувачи во затворен простор прави огромни редици пред продавниците. Маската секогаш е проблем во јавниот превоз на пр. Кога се воведоа FFP2 маските често обезбедувањето ги бркаше патниците кои носат друга маска освен FFP2. Кај фризери, козметичари, забари може да се оди само со негативен тест за корона. Едноставно мерките го сменија цел животен ритам на граѓаните, открива таа.