Новости
Се разведуваат Боркица и Никола Груевски- таа поднесе барање пред Основниот граѓански суд, ова се деталите ФОТО
Судскиот оглас е објавен јавно во вчерашниот број на Службен весник...
Иако подолго време не е во Македонија, секоја вест поврзана со поранешниот премиер Никола Груевски ја бранува јавноста.
Денеска во јавноста излезе веста дека сопругата на поранешниот премиер, Боркица Груевска пред Основниот граѓански суд во Скопје поднела барање за развод, пишува Фокус.
Како што објави гореспоменатиот медиум, судскиот оглас е објавен јавно во вчерашниот број на Службен весник, бидејќи Груевски не достапен и нема друг начин да биде информиран.
-Пред Основниот граѓански суд во Скопје е поднесена тужбата од тужителката Боркица Груевска од Скопје, против тужениот Никола Груевски од Скопје, со непозната адреса, за развод на брак, со вредност на спорот 20.000 денари, стои во огласот.
За привремен застапник на Груевски е поставена Габрилеа Јакшевски, адвокат од Скопје, објави Фокус.
Боркица иако ретко ја гледавме во медиумите, секое нејзино појавување не поминуваше незабележано.
Таа е успешна и образована млада дама, а нејзините пријатели ја опишуваат како скромна жена и грижлива мајка.
Инаку, Никола е 12 години постар од Боркица. Кога застанаа на лудиот камен, таа имаше 24 а тој 36 години.
Тие нивната прва ќерка Анастасија ја добија во 2007, а втората, Софија, во 2010 година.
Боркица му е втора сопруга на поранешниот премиер Никола Груевски, со кого се омажи на 10 мај 2007 година, една година откако летото 2006, на концертот на Брајан Фери во Охрид, прв пат се појавија заедно во јавноста. Нивната свадба беше организирана во мај 2007, во Холидеј Ин.
Боркица како дете живееше во Тафталиџе, каде порасна во семејниот дом на своите родители и нејзината сестра.
Таа заврши правен, а во 2015 стана магистер откако ја одбрани својата магистерска теза на Филозофскиот факултет.
Нејзиното моминско презиме е Манчевска, а нејзините другарки од детството велат дека отсекогаш била скромна и тивка девојка.
Таа и Никола, како пар, љубовта ја чуваа дискретно само за себе, па токму затоа и ретки беа моментите кога можевме да ги видиме заедно.
Никола денес живее во Будимпешта, а Боркица во нивниот стан во Скопје, заедно со ќеркичките.