Бебе

Еве зошто е убаво секој ден да го масирате вашето бебенце

Пет причини зошто треба да го правите тоа

Секое бебе ужива додека го масирате

Масажата се прави кога бебето е суво, сито, одморено и мирно, во топла и проветрена соба. Осветлувањето во просторијата треба да биде пригушено и можете да пуштите тивка музика што опушта.

Бебето треба да го масирате на под или в кревет.

Додека го масирате, гледајте го в очи, разговарајте со него, бакнувајте го… Уживајте, па и вашето чедо ќе ужива. Ако се прашувате дали ќе умеете, не грижете се. Опуштете се и следете го вашиот инстинкт. Секој родител знае што му годи на неговото дете, особено додека е сосема мало и не знае да ги изрази своите чувства.

Верувајте дека времето што сте го издвоиле за оваа активност повеќекратно ќе ви се врати, бидејќи масажата навистина благотворно делува на бебето.

Го стимулира растот и развојот

Масажата го стимулира физичкиот, емоционалниот и социјалниот развој на вашето бебе. Таа му овозможува на бебето да го запознае своето тело преку допир во безбедна средина. Бидејќи кожата е изградена од истото ембрионско ткиво како и мозокот на бебето, нејзината стимулација истовремено ќе го поттикне и поврзувањето на клетките во мозокот.

Го подобрува квалитетот на спиењето

По вечерната масажа, вашето бебе ќе спие подобро во текот на ноќта, особено ако имало возбудлив ден. Доколку го масирате пред спиење, ќе спие подлабоко, па дури и подолго, како што потврдуваат истражувачите на Универзитетот во Ворвик.

Покрај ова, вечерната масажа пред спиење се смета за добар ритуал, а и ќе се изненадите кога ќе забележите дека и бебињата сакаат ритуали.

Ја поттикнува комуникацијата

Масажата на бебето се промовира и како начин на комуникација, бидејќи ви помага да развиете ваш специфичен невербален јазик. Со неа се воспоставува и развива силна врска помеѓу вас и вашето дете, бидејќи во текот на оваа активност се ослободува хормонот окситоцин, познат како хормон на љубовта. Затоа, не двоумете се, масирајте го бебето и тоа ќе знае дека го сакате.

Опушта

Ефектите на масажата не зависат од возраста, па е извесно дека нежниот допир на вашите раце на бебето ќе делува опуштено.

Фото: unsplash

На бебето ќе му биде доволно да го слушне вашиот глас и да го почувствува вашиот допир, па целосно да се опушти и смири.

Ги ублажува грчевите

Грчевите во стомакот и затнатото носе се вообичаени причини за тажното и непрекинато плачење, па и тука масажа ќе ви помогне.

Фото: unsplash

Ослободете го стомачето од облека и пелени, па нежно масирајте го во насока на стрелките на часовникот.

Препораки

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
Close