Школо

Необична авантура на едно преубаво, но подзаборавено место во нашата Македонија

Фотографии што ќе ви го разубават денот

Ова место е рај за планинари и спортски качувачи

И додека едни постојано се жалат дека немаат време, други го живеат животот со полни гради и љубов. А некои дури и полошо, само зборуваат и пишуваат за мотивацијата по Фејсбук и учат за животот од другите, без да излезат од својата соба. Ова посебно е проблем со нашите деца кои заради компјутерите и технологијата имаат многу поразлично детство од нашето. Токму затоа и се радуваме кога случајно ќе видиме вакви приказни.

На фотографиите ќе ги видите членовите на спортско качувачкиот клуб „Astibo Climbing“ од Штип, а овој нивен тренинг во природа е одличен пример како младите да се вовлечат во спорт, од мали нозе да ја засакаат природата и активностите во неа. Искрено се надеваме дека овие деца со својот пример ќе им бидат инспирација барем на некои, посебно на родителите, кои во иднина ќе ги однесат своите најмили и ќе ги запишат во некој спортски клуб.

Не треба да заборавиме дека спортот не средство што треба само физички некого да подготви и да создаде вишок енергија, туку и да ти го исполни срцето и да те научи да го живееш животот со полни гради, да работиш напорно, но и да се движиш и да уживаш во активностите и природата која е вистинската учителка и одличен прочистувач за сето она што не преокупира во денешно време – посебно оние места каде што интернетот е недостапен.

И што е најважно, преку спортските активности постојано сте во допир со другите и стекнувате голем број пријатели.

Од фотографиите можеме да видиме дека Демир Капија овој викенд вриеше од млади планинари и спортски качувачи. Најмладите членови на Astibo Climbing од Штип го посетија овој спортско рекреативен центар и некои од нив прв пат се соочија со качување на вистинска природна карпа. Овој клуб претходната година беше прогласен за најуспешен клуб во Македонија со освоени 31 медал во различни категории. Матица на овој клуб е ДПС Лисец од Штип.

Клубот располага со сопствена вежбална, сопствена природна карпа на локалитетот ПЛОЧА во близина на Штип. а во тек е изградба на спортско качувачки карпа на планината Плачковица во склоп на планинарскиот дом Вртешка.

Скоро од страна на членови Astibo Climbing и ДПСЛисец беше поставена и првата ферата во Македонија на врвот Лисец.

Нешто за локалитетот

Клисурата Демир Капија е мало место со големо историско значење, оддалечено на 100 километри од Скопје. Се вози по автопатот се до паркингот меѓу тунелите, каде што се остава возилото. Насоките се наоѓаат веднаш до самиот паркинг, така што речиси и нема пешачење, а до најоддалечените насоки како Арена и Вардарска Сахара се стигнува за 10 до 20 минути.

Првите насоки за спортско качување во Демир Капија беа отворени во 1995 година кога се отвори насоката ВДД. Овој сектор се наоѓа на северната страна од тунелите, спротивно од страната на реката Вардар.

Интересно е да се каже дека во тоа време овој спортско качувачки сектор прави Демир Капија да премине во сензација за спортско качување на Балканот, бидејќи дотогаш овој локалитет броеше исклучиво алпинистички насоки, кои се издигаа на високите карпести ѕидови на кањонот, од другата страна на веќе споменатите сектори. По секторот ВДД, доајените Владимир Трповски (Владо), Зоран Пејковски (Пуци), Светозар Антовиќ (Свето), Дејан Петровски (Декла), и Александар Брборовиќ (Брба) го отворија вториот спортско качувачки сектор Арена, сектор кој останува врежан во меморијата и на оние кои само го посетиле овој сектор и уживале во епската гледка.

Арена и ден денес е најубавиот сектор во Демир Капија, воедно и едно од најепските места во регионот, со поглед кој нема да остави никого рамнодушен. Подоцна, во 1998 се отвора секторот Радар Петра (кој веќе денес не постои, бидејќи оттаму минува тунелот на автопатот Е75). Некаде во тој период Владимир Трповски ја отвори МИ-24, а Горан Кузмановски од СКК Вертикал –Битола ја отвори насоката Вертикал со тежина 6а+/6b, качувачки насоки со повеќе должини на јаже кои претставуваат престиж во тоа време. Десетина години подоцна, во 2007 година, се отвори нов сектор, именуван Калабастер, веднаш под секторот Арена. Проектот за отворање на овој сектор е на тогашната Македонска Спортско Качувачка Асоцијација, која во тоа време дел од семејството на ФПСМ (Федерација на Планинрски Спортови). За овој проект, Владимир Трповски како претставник на МСКА, го поканува Александар Кленов како гостин и соработник на проектот, заеднички да се отвори сектор со повисоки оцени на спортско качување. Воедно во тој проект е отворена и најтешката насока во Македонија, Калабастер, оценета 8а чие првенствено искачување му припаѓа на Кире Серафимовски -СКК Но Лимитс –Струмица.

Наредната 2008 година, МСКА во соработка со UIAA младинска комисија за качување и Tony Lamiche Франција (звучно име во француското качување) организираат интернационален собир за отворање на нови насоки (international route setting meeting) се отвораат насоки со уште поголеми тежини од дотогашните во овој локалитет. Тогаш е отворена и насоката Ибу Калфа, со тежина поголема од 8c благодарение на Јован Јованов и Лазар Петковски од КК Астибо –Штип. Така се роди и секторот Мала Арена.

Во 2010 година Владимир и Кире отворија уште еден сектор – Еpoтика. Уникатен и во свој стил, со поинаков шарм од останатите но и различен стил на качување. Иста година, повторно на гости со работни планови, МСКА го најмува Александар Кленов и заедно со Владимир и Кире тој помага да се отвори уште еден сектор, подоцна именуван Вардарска Сахара, повторно во целосна иницијатива и организација на МСКФ (веќе федерација).

Понатаму Алекс Кленов и неговите клиенти кои се на обука за поставувачи на насоки отвораат уште нови насоки во новиот сектор Хамбургерберг.

И така без многу вложување, но со голема пожртвуваност на љубителите во овој спорт, Демир Капија стана едно од омилените места и природен полигон за сите оние кои имаат малку поавантуристички дух. Ние сме склони да веруваме дека во нашата преубава Македонија има многу такви, а фотографиите со овие деца само го покажуваат тоа. Тие се дружеа и уживаа во природата заедно со своите инструктори и едукатори, чија основна цел е најмладите да се насочат кон природата, здравиот живот и пред се кон спортот. И секоја им чест за тоа.

И по напорниот тренинг следува разладување…

Па, големо БРАВО за оваа екипа!

Извор: Гламур, climbingschool.mk, (Фото: Фејсбук/ Astibo )

Препораки

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Close
Close